• вторник, 05 ноември 2024

Македонската естрада се обединува за Часот на планетата Земја

Македонската естрада се обединува за Часот на планетата Земја
Скопје, 27 март 2020 (МИА) - По повод Часот на планетата Земја, утре во 20:00 часот македонските пеачи и инфлуенсери преку инстаграм сесија ќе остварат заедничка „онлајн“ дружба дома, а потоа во 20:30 часот заеднички ќе ги исклучат светилките со цел испраќање силна порака за спас на планетата Земја. -Ги повикуваме граѓаните и сите наши поддржувачи да ни се приклучат на едноипол часовниот спектакл на нашиот инстаграм профил @earthhourmk, каде што ќе имаме можност заеднички да уживаме во настапите во мрак на нашите „Некст тајм“, ДНК, Антонија Гиговска, Иван Јованов, Огнен Здравковски, Теа Трајковска, а исто така ќе можеме да поразговараме и за климатските промени со Ване Марковски, Ирена Спировска, Татјана Алексиќ и многу други, соопштија денеска од иницијативата Часот на планетата Земја и испратија апел до другите естрадни личности да го прифатат овој еколошки предизвик. Оттаму посочуваат дека сега е време за почитување на правилата и на солидарност. Мора, порачуваат, да си се чуваме едни со други, мора да направиме нашиот глас да биде слушнат за посигурна, почиста и поздрава иднина за нас и идните генерации. Во својата мисија, како што се наведува во соопштението, Часот на планетата Земја секогаш ја потенцира моќта на луѓето, и затоа здравјето и благосостојбата на нивните поддржувачи секогаш биле на првото место. -Во овие тешки времиња, иако не можеме да се обединиме и испратиме порака од улиците, се уште можеме солидарно да се обединиме насекаде ширум светот, од нашите домови. Сега не е време да се откажеме, туку можност да реагираме уште покреативно, стои во соопштението. Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 28 март, сабота, кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив е и нашата држава. Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.бт/лв/

Остани поврзан