• сабота, 23 ноември 2024

Македонисти од 17 земји ќе учествуваат на Летната школа на МСМЈЛК во Охрид

Македонисти од 17 земји ќе учествуваат на Летната школа на МСМЈЛК во Охрид
Скопје, 15 август 2022 (МИА) - Шеесет странски македонисти и слависти од седумнаесет држави ќе учествуваат на 55. Летна школа на  Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) која од 17 август до 2 септември  ќе се одржува во Охрид. МСМЈЛК соопшти дека во споредба со изминатите години, на годинашната Летна школа има најголем број семинаристи, кои доаѓаат од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република. - Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и млад кадар. Програмата на Летната школа се очекува да им овозможи нови видици и да ги поттикне на нови истражувачки потфати за македонистиката, опфаќајќи и сегменти од македонската култура коишто претходно не биле дел од програмските содржини на школите на МСМЈЛК при УКИМ, наведува организаторот.

Програмата опфаќа голем број предавања од домашни и странски македонисти и неколку промоции на изданија, а меѓу програмските содржини ќе бидат и одбележување на јубилејните годишнини од раѓањето на Гоце Делчев (150 години) и на Горан Стефановски (70 години). 

- Покрај предавањата, семинаристите на Школата ќе следат и лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. Наставата за групите ќе ја изведуваат лектори коишто ќе го вложат сопствениот максимум во пренесувањето знаења на странските слависти и македонисти – проф. д-р Борче Арсов, доц. д-р Гордана Алексова, доц. д-р Бобан Карапејовски, доц. д-р Бојан Петревски, м-р Иван Антоновски и м-р Марија Пандева, соопшти МСМЈЛК. На Школата ќе биде организирана и преведувачка работилница, а за семинаристите кои се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора. Првпат во рамките на школите на Семинарот, внимание ќе биде посветено на македонската мода и македонскиот моден дизајн како составен дел од македонската култура, како и предавање за интермедијалните проникнувања на современата македонска книжевност со сликарството и музиката. Семинаристите на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат специјални гости и на 34. издание на  манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура свечено ќе биде отворена в петок, 19 август, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Најавени се  обраќања  на претседателот на државата Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, и  директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Школата ќе биде затворена со завршна средба на 2 септември. На 4 и 5 септември 2022 во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ. хс/са/

 

 

Остани поврзан