• понеделник, 23 декември 2024

МАЕИ му оддаде почит на писателот Стерјо Спасе по повод 110- годишнината од неговото раѓање

МАЕИ му оддаде почит на писателот Стерјо Спасе по повод 110- годишнината од неговото раѓање

Пустец, 14 август 2024 (МИА) - Во село Глобочени, Општина Пустец, делегација на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) положи цвеќе на бистата на писателот со македонско потекло Стерјо Спасе, во чест на 110-годишнината од неговото раѓање, информираше за МИА Васил Стерјовски, лидер на партијата.

- Глобочени и Преспа со право се горди што на Албанија и дадоа еден бесмртен писател, чијшто дела се не само вградени во сржта на албанската книжевност, туку и ја отсликуваат значајната улога на Македонците во албанското општество, рече Стерјовски.

Според него, колосот на современата албанска литература Стерјо Спасе, преку своите дела инспирираше и едуцираше цели генерации Албанци, секогаш гордо истакнувајќи ги своите македонски корени. 

Стерјо Спасе е роден во село Глобочени, Мала Преспа во 1914 година, а починал во Тирана, во 1989 годна. Тој е познат писател со македонско потекло и е еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература.  Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.

Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот СССР.  Автор е на петнаесетина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?“,кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село. 

И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на македонското друштвото на писателите. Синот на Илинден, Аријан Спасе е дипломат од кариера.

Пред пет години, тогашниот албанскиот претседател Илир Мета,  постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето”. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто“ го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.

Во неговото родно Глобочени пред две години отворен беше  Музејот „Стерјо Спасе“, кој е  посакувана дестинација на туристите, а и место за многу културни настани на Македонците.

На плоштадот во селото во 2014 година беше откриена бронзена биста на Спасе. вт/мд/

Фото: МАЕИ

Остани поврзан