• петок, 05 декември 2025

МАЕИ и МД „Илинден“ упатија честитка до албанските граѓани по повод Денот на независноста и Денот на ослободувањето

МАЕИ и МД „Илинден“ упатија честитка до албанските граѓани по повод Денот на независноста и Денот на ослободувањето

Дебар, 28 ноември 2025 (МИА) - Македонска алијанса за европска Интеграција (МАЕИ), единствената политичка партија на Македонците во Албанија и Македонското друштво „Илинден“ упатија честитка до сите албански граѓани по повод 28 Ноември – Денот на независноста и 29 ноември – Денот на ослободувањето на Албанија.

-За нас, како македонска заедница во Албанија и како политичка сила која го претставува нејзиниот глас, овие празници претставуваат можност повторно да ја потврдиме нашата заедничка верба во демократските вредности, општествената кохезија и взаемната почит меѓу сите заедници што живеат во земјата, стои во честитката.

Се додава дека „иднината на Албанија се гради само преку единство, рамноправност и соработка“.

-Нека овие значајни датуми ни служат како инспирација да продолжиме со градењето на поправедно, поинтегрирано и поуспешно општество за сите граѓани на Албанија, без разлика на етничката припадност, јазикот или верската определба. Да работиме заедно за посветла иднина, во која почитта, развојот и солидарноста ќе бидат вредностите што нè водат, се наведува во честитката на МАЕИ.

По повод Денот на независноста 28 и денот на ослободувањето 29 ноември, честитка до сите албански граѓани упати и македонското друштво „Илинден“- Тирана. вт/вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан