• петок, 22 ноември 2024

Лукаревска: Разликите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се видливи, наместо стиропор има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати

Лукаревска: Разликите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се видливи, наместо стиропор има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати

Скопје, 4 февруари 2024 (МИА) - СДСМ се докажа како грижлив сојузник на граѓаните, ранливите, земјоделците, компаниите. Во услови на огромни светски кризи ги зголемивме платите, пензиите, помошта за граѓаните, вели заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.

Лукаревска во интервју за неделникот „Фокус“ истакнува дека „разликите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се видливи, наместо стиропор има капитални проекти, наместо притисоци кон администрацијата, има повисоки плати, нема затворање медиуми и редење вести, нема ќотек за пратениците и новинарите во Собранието, нема закани“.

Во однос на изборите, истакнува дека имаат референдумско значење - дали земјава ќе продолжи напред или ќе се струполи назад.

-СДСМ се докажа како грижлив сојузник на граѓаните, ранливите, земјоделците, компаниите и тоа во услови на огромни светски кризи: пандемиска, енергетска и економска. Требаше да се задржат работните места, да се преживее и да се истрае. Ако на тоа се додаде во каква состојба ја затекнавме државата во 2017 година и по економски параметри, тогаш јасно е колкав огромен напор е вложен од оваа влада за да се намалат последиците од кризите. И во такви кризни, неизвесни времиња, ги зголемивме платите, пензиите, социјалната помош. Носевме пакети на мерки финансиска помош, кои опозицијата не сакаше ни да ги гласа, наведува Лукаревска. 

Според неа, секоја влада на СДСМ морала да носи тешки одлуки, не одолжувала, не ги заобиколувала, туку се соочувала со проблемите.

-Во 2017-та наследивме исклучително специфична ситуација - кревка, ранлива, изолирана држава. И ако направиме споредба со Македонија-членка на НАТО и на чекор до ЕУ, ќе можеме да заклучиме дека оваа влада направи многу. Никогаш како политичка партија проблемите не сме ги ставале под тепих, туку сме ги решавале, па и по цена на популарноста. Ние се боревме за демократија и слобода, за транспарентност и отчетност, за слобода на изразување. И затоа критиките слободно и се слушаат, и ги сфаќаме добронамерно. Не сме совршени, има многу работи што треба да се подобрат, нагласува Лукаревска.

Таа информира и дека партијата сега работи на новата програма. Уверена е дека СДСМ ќе победи и ќе формира влада на чело со претседателот Димитар Ковачевски.

-Силно ќе го продолжиме европскиот пат кон 2030-та, кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Тоа ќе биде победа на разумот и желбата да направиме сè нашата држава да живее по стандардите на членките на Унијата. Има многу истражувања, кои укажуваат дека голем дел од младите што се иселиле од своите земји пред тие да станат членки на ЕУ, се вратиле дома кога нивните држави се израмниле во редот со државите-членки на ЕУ. Тоа е и треба да ни остане најголема мотивација, вели Лукаревска.

Оценува и дека опозицијата нема став, ниту план.

-Што има опозицијата? Нема став, туку некакви ветувања за кои ќе ни кажеле како ќе ги остварат некогаш понатаму. И да, нивната стратегија е стратегија на конфликти. Тоа и го најавија уште пред формирањето на техничката влада. Затоа повеќепати повторувам дека овие избори имаат референдумско значење. Дали ќе продолжиме напред или ќе се струполиме назад, вели заменик претседателката на СДСМ, Лукаревска за „Фокус“. мч/дма/

фото: СДСМ

Остани поврзан