• недела, 22 септември 2024

Локалниот Совет за превенција на Крива Паланка донесе мерки за заштита на младите од девијантни појави и безбедност во сообраќајот

Локалниот Совет за превенција на Крива Паланка донесе мерки за заштита на младите од девијантни појави и безбедност во сообраќајот

Крива Паланка, 20 септември 2024 (МИА) - Локалниот Совет за превенција на Општина Крива Паланка денеска одржа седница на која беа усвоени предлог-мерки за активности за поголема динамика на активностите за превенција на младите во учество во сообраќајот, од булинг и врсничко насилство, како и злоупотреба на дроги, додека насоки за активности и препораки беа дадени и за заштита на старите осамени лица.

На седницата се дискутираше за врсничко насилство и говор на омраза во образовните институции, превенција од девијантни појави и предлог мерки за заштита на младите, обезбедување на учесниците во сообраќајот и управување со моторцикли и електирчни тротинети, безбедност на стари и немоќни лица кои сами живеат на подрачјето на Општина Крива Паланка и состојба со пожарите.

Седницата ја водеше Претседателката на Советот на Општина Крива Паланка Изабела Павловска, а присуствуваа: началникот за превенција на СВР Куманово,  Александар Јанковски, Сунчица Антовска, од СВР Куманово - Отсек превенција, од ОВР Крива Паланка,  помошник-инспектор за превенција, Кире Николовски, Отсек за превенција –ОВР Крива Паланка, Зоран Николовски, директори и претставници од психолошко-педагошките служби во основните и средното општинско училиште од Крива Паланка, претставници од Меѓуопштински центар за социјални работи, Крива Паланка, од Совет на Општина Крива Паланка, Територијална противпожарна единица Крива Паланка, ЈП Комуналец, претставници од општинската администрација и од медиуми.

Началникот за превенција во СВР Куманово, Јанковски, по дискусијата со присутните, даде предлог-мерки за активности што ќе придонесат за уште поголема безбедност во понатамошниот период, а мерките се однесуваат на продолжување на соработката со образовни институции за спроведување едукативни работилници и трибини на тема булинг, врсничко насилство, безбедност во сообраќајот, реализација на кампањите „Безбедни училишта“ со засилен интензитет, координација на формираните училишни тимови за безбедност со родители, реализирање трибини за влијанијата на дрогата и видови дроги, за младите да бидат запознаени детално за последиците од злоупотреба на истите, таргетирање локации на собирање на млади каде се консумираат недозволени суспстанци, спроведување мешани патроли во локалните угостителски објекти и друго.

По однос на безбедноста и грижата за стари, изнемоштени и осамени лица кои живеат во Крива Паланка, дадена е препорака за формирање тимови од Меѓуопштински центар за социјална работа, Црвен Крст Крива Паланка, МВР, кои би креирале план со редовни активности за посета на лицата и нивно информирање за заштита од измами и злоупотреби.

За состојбата со пожари на подрачјето на Крива Паланка, од ТППЕ информираа дека најголем проблем периодов се неисчистените оџаци, како и палењето оган за зимници,  палење стрништа.

Дадени беа насоки претседателите на куќните совети на станари во колективните стамбени објекти да ангажираат навреме служби за чистење на оџаците, да се апелира и до сите граѓани кои се топлат на дрва. Јанковски истакна дека треба да се разгледа на повисоко ниво состојбата со пожарите кои се предизвикани намерно и воведување забрана за користење на опожарена дрвна маса од страна на економските оператори. иб/цр

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан