Лога: Преамбулата е приоритет на уставните измени, очекувам поддршка од опозицијата
- Преамбулата останува да биде приоритет на работната група која ќе ги подготвува уставните измени, вели министерот за правда Кренар Лога и очекува предлогот да помине во Собрание.
Скопје, 7 мај 2023 (МИА) - Преамбулата останува да биде приоритет на работната група која ќе ги подготвува уставните измени, вели министерот за правда Кренар Лога и очекува предлогот да помине во Собрание.
- Мене ми е жал што ВМРО-ДПМНЕ не е дел од оваа група. Јас ги повикувам уште еднаш да бидат дел од успехот на патот кон европска иднина на Македонија и верувам дека овие се храбри луѓе кои што прифатија да бидат дел од оваа работна група. Тоа се извонредни луѓе бидејќи, во вистинскиот момент најдоа време иако знаеја дека ќе бидат оцрнети од дел од јавноста да го дадат својот придонес за ние да станеме дел од фамилијата на ЕУ. И верувам дека со нив ќе имаме успешна приказна која треба на јавноста да и ја прикажеме пред да ја усвоиме во Собрание. Ние го имаме делот на изготвување, а предлагач ќе биде Владата и во тој дел ние нашата работа за кратко време ќе ја преставиме пред вас, рекол Лога во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Министерот за правда смета дека се уште има простор ВМРО - ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени.
- Во неколку изјави ВМРО-ДПМНЕ има дадено простор дека ќе ги подржи уставните измени, и тоа најмалку два пати. Нивниот лидер еднаш рече дека бара цврсти гаранции од ЕУ, па кажа дека ќе имаат позитивен став ако имаме формулација како во Хрватска. Така да, ако ВМРО не најде сила како една од најголемите политички партии, внатре во ВМРО-ДПМНЕ ќе се најдат вистинските луѓе кои знаат да ја препознаат иднината на државата, дека нема друг пат, бидејќи ова што се бара и очекува од нас мора да се исполни,потенцира Лога. цр/
Фото: МИА