• сабота, 23 ноември 2024

Лога: Во најскоро време ќе биде избран новиот Јавен обвинител за врски од Република Северна Македонија во ЕВРОПРАВДА

Лога: Во најскоро време ќе биде избран новиот Јавен обвинител за врски од Република Северна Македонија во ЕВРОПРАВДА

Скопје, 15 мај 2023 (МИА) - Од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во најскоро време ќе бидат завршени потребните процедури за донесување на одлука за огласот за пријавување кандидати за Јавен обвинител за врски од Република Северна Македонија во ЕВРОПРАВДА кој сè уште е во тек, изјави министерот за правда, Кренар Лога, во своето обраќање на конференцијата за започнување на проектот на ЕВРОПРАВДА – „Подобрување на прекуграничната соработка во кривичната правда во Западен Балкан“ во Хаг.

Како што пренесуваат од Министерството за правда, министерот Лога посочил дека наскоро се очекува од страна на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да бидеме известени за избраниот кандидат. 

- Министерот Лога информираше дека е донесен и Правилник за начинот на соработката помеѓу Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Министерството за правда со ЕВРОПРАВДА. Поаѓајќи од потребата за овозможување поголема ефективност и ефикасност во работењето беше подготвен текстот на Правилникот со кој во најголем дел е уредена меѓу институционалната координација и координацијата со обвинителот за врска, пренесуваат од Министерството за правда.

Во своето обраќање, дополнуваат, министерот Лога кажал дека од исклучително значење за поефикасно справување со случаите на прекуграничен криминал е заложбата на  ЕВРОПРАВДА дополнително да се ангажира со партнерите од Западен Балкан во насока на јакнење на капацитетите на државите во справување со прекуграничниот криминал, преку обезбедување на оперативна и техничка помош и поддршка и поедноставување на спроведувањето на заеднички истраги.  

- Исклучително важен сегмент од нашата стратешка соработка и партнерство претставува и обвинителот за врски од Република Северна Македонија во ЕВРОПРАВДА и оттука сакам да ја потенцирам и очигледната улога и активното учество во постигнување на досегашните резултати на актуелниот Обвинител за врски, Ленче Ристоска, истакнал министерот.

Според него, поставувањето на јавен обвинител за врски со постојан престој во Хаг ќе придонесе за видливо подобрување на резултатите во гонење на прекуграничен криминал но и за градење на националните капацитети. ар/цр

Фото: Министерство за правда

 

Остани поврзан