• понеделник, 23 декември 2024

Лицата над 30 години во Грција имаат можност да примат четврта доза од вакцината против Ковид-19

Лицата над 30 години во Грција имаат можност да примат четврта доза од вакцината против Ковид-19
Атина, 27 јуни 2022 (МИА) – Граѓаните во Грција на возраст од 30 до 59 години, од денеска, доколку сакаат, можат да закажат термин за вакцинација со четврта доза од вакцината против Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина. Вакцинацијата не е задолжителна, а според Националната комисија за имунизација иако „не постојат доволни научни податоци за дополнителната придобивка што би ја понудила втората бустер доза со постоечките вакцини“, сепак им се дава можност на лицата над 30-годишна возраст да се вакцинираат. Со четврта доза, односно втората бустер доза веќе се вакцинираат граѓаните постари од 60 години, а Комисијата за имунизација по одржаниот состанок во четвртокот соопшти дека останува силна препорака за вакцинација за конкретната старосна група. -Во однос на општата популација под 60 години, Националната комисија за имунизација посочува дека во моментов не постојат доволни научни податоци за дополнителната придобивка што би ја понудила втората бустер доза со постоечките вакцини. Сепак, Националната комисија за имунизација препорачува да им се даде можност за вакцинација со втора бустер доза на лицата на возраст од 30 до 59 години, доколку сакаат, соопштија во четвртокот од Министерството за здравство на Грција. Граѓаните од конкретната старосна група, од денеска можат да закажат термин за вакцинација. ср/

Остани поврзан