• недела, 22 декември 2024

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија ја потврди смртта на неговите синови

Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија ја потврди смртта на неговите синови

Доха, 10 април 2024 (МИА) - Лидерот на „Хамас“ Исмаил Ханија во интервју за телевизијата „Ал Џезира“ ја потврди смртта на своите синови и рече дека Израел ги убил, воден од „духот на одмазда и убиство“.

Ханија изјави дека неговите синови загинале како маченици на патот за ослободување на Ерусалим и џамијата Ал Акса.

„Непријателот е воден од духот на одмазда и убиство и не почитува никакви норми или закони“, рече Ханија во телефонско интервју од катарската престолнина Доха, каде живее во егзил.

Лидерот на „Хамас“ додаде дека убиството на неговите деца нема да изврши притисок врз „Хамас“ да ја омекне својата позиција во преговорите со Израел за прекин на огнот во Газа.

„Непријателот верува дека со целењето на семејствата на водачите ќе ги натера да се откажат од барањата на својот народ. Секој кој верува дека целењето на моите деца ќе го натера Хамас да ја смени својата позиција е во заблуда и ќе биде разочаран“, додаде Ханија.

Тројцата синови на Ханија, Хазем, Амир и Мохамед се убиени во израелски воздушен напад, објавија претходно денеска медиумите поврзани со Хамас. Тие биле во автомобил кога се упатиле кон бегалскиот камп Шати во градот Газа. Во нападот загинаа и двајца од внуците на Ханија, а третиот беше повреден. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан