• петок, 05 декември 2025

Лидерот на крајната десница Томио Окамура номиниран за претседател на чешкиот парламент

Лидерот на крајната десница Томио Окамура номиниран за претседател на чешкиот парламент

Прага, 31 октомври 2025 (МИА) – Лидерот на крајнодесничарската партија Слобода и директна демократија (СПД), Томио Окамура, ќе стане претседател на чешкиот Претставнички дом, откако коалицијата околу популистичката партија АНО на поранешниот премиер на земјата, Андреј Бабиш, ја поддржа неговата номинација, пренесува денеска Еурактив.

Окамура следната недела на тајното гласање во парламентот ќе се соочи со кандидатот на Христијанско-демократската унија, Јан Бартошек, а неговата победа делува како веројатна, бидејќи глас против од владејачкиот блок би можел да го попречи формирањето на новата влада.

Коалицијата, формирана по парламентарните избори кои се одржаа на 3 и 4 октомври, ги вклучува националистичката партија АНО, крајнодесничарската партија СПД на Окамура и популистичката партија Мотористи, кои заедно имаат 108 од 200 пратенички места.

Окамура, кој е роден во Токио, е познат по својата националистичка и антиевропска реторика, како и по повиците за одржување референдум за членството на Чешка во НАТО и Европската унија.

На почетокот на 2025 година, тој беше лишен од пратеничкиот имунитет поради наводно расистички предизборни плакати, кои ги користел на европските избори во 2024 година.

- Не е вообичаено земјата да ја претставува лице кое полицијата го гони поради расистичка кампања. Нашите странски партнери тоа ќе го видат како проблем и тоа ќе ни наштети, изјави противникот на Окамура на изборите за претседател на парламентот, Јан Бартошек, за чешките медиуми. јт/

Фото: Окамура на Фејсбук

Остани поврзан