Либиското Министерство за одбрана соопшти за прекин на непријателствата во Триполи
- Неутралните безбедносни сили се распоредени во клучните области во градот во обид да се ограничи насилството и да се воспостави ред, соопшти Министерството за одбрана.
Триполи, 14 мај 2025 (МИА) – Либиското Министерство за одбрана денеска објави прекин на огнот откако во изминатите два дена имаше серија насилни и трагични инциденти меѓу ривалските милиции во главниот град Триполи, јавува ДПА.
Неутралните безбедносни сили се распоредени во клучните области во градот во обид да се ограничи насилството и да се воспостави ред, соопшти Министерството за одбрана.
Владата, пренесува ДПА, потенцира дека нема да толерира присуство на вооружени групи кои дејствуваат надвор од државната власт.
Борбите во Триполи се разгореа откако во понеделникот беше убиен Абдел Гани ал-Кикли, влијателен лидер на парамилиција и шеф на Апаратот за поддршка на стабилноста (SSA) во земјата.
Парамилициската единица на Ал-Кикли, која се смета за една од најмоќните сили кои не се поврзани со владата, се судри со 444-та бригада - вооружена група лојална на премиерот Абдул Хамид Дбеибех, потсети ДПА.
Набљудувачите ги гледаат судирите како дел од актуелната борба за власт меѓу конкурентските фракции во Триполи.
Иако точните бројки на жртви досега не се потврдени, сепак, пријавени се шест смртни случаи, покрај убиството наАл-Кикли.
Жителите во неколку густо населени области во Триполи јавуваат за сцени на хаос, артилериски оган, силно пукање, оштетени домови и запалени возила во текот на ноќта.
Мисијата за поддршка на Обединетите нации во Либија (UNSMIL) изрази длабока загриженост поради ескалацијата на насилството и повика на итно и безусловно прекинување на непријателствата.
Граѓанската војна избувна во Либија по падот на долгогодишниот владетел Моамер Гадафи во 2011 година.
Два непријателски табора во моментов се борат за власт: едниот со седиште во источниот град Тобрук, поддржан од генералот Калифа Хафтар и предводен од вршителот на должноста премиер Осама Хамад, и Владата на национално единство признаена од ОН под водство на Дбеибех во Триполи, потсетува ДПА. сд/