Либанско министерство: Две лица загинаа во израелски воздушен напад
- Либанското Министерство за здравство денеска соопшти дека две лица загинале, а седум се повредени во израелски воздушен напад на југот на Либан.
Бејрут, 3 ноември 2025 (МИА) – Либанското Министерство за здравство денеска соопшти дека две лица загинале, а седум се повредени во израелски воздушен напад на југот на Либан.
Израел вчера се закани дека ќе ги засили нападите против исламистичкото вооружено движење Хезболах.
И покрај договорот за прекин на огнот во ноември 2024 година, Израел и понатаму редовно напаѓа упоришта на Хезболах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера го обвини Хезболах дека се обидува „повторно да се вооружи“.
- Очекуваме од либанската влада да го исполни она што го вети – да го разоружа Хезболах, но јасно е дека ќе го искористиме нашето право на самоодбрана, како што е предвидено во условите на прекинот на огнот, изјави Нетанјаху.
Државната новинска агенција јави дека во местото Дуеир бил нападнат автомобил со дрон.
Либанското Министерство за здравство прецизира дека во нападот во регионот Бинт Џбејл загинало едно лице.
Хезболах е сериозно ослабен од војната со Израел, особено по убиството на неговиот лидер Хасан Насрала во израелски воздушен напад во Бејрут во септември 2024 година.
Сепак, движењето останува финансиски стабилно и добро вооружено.
САД го зголемија притисокот врз либанските власти да го разоружат Хезболах, кој одбива да го стори тоа. јт/
Фото: МИА архива