Либански министер најави разоружување на Хезболах во близина на Израел до крајот на ноември
- Либанската армија мора да заврши со разоружување на Хезболах јужно од реката Литани, блиску до границата со Израел, во рок од три месеци, изјави денеска либанскиот министер за надворешни работи Јусеф Раги.
Бејрут, 9 септември 2025 (МИА) – Либанската армија мора да заврши со разоружување на Хезболах јужно од реката Литани, блиску до границата со Израел, во рок од три месеци, изјави денеска либанскиот министер за надворешни работи Јусеф Раги.
Раги прецизираше дека планот кој армијата го поднела минатата недела до владата, а чија цел е осигурување на државниот монопол над оружјето низ целиот Либан, се состои од пет фази.
Првата предвидува разоружувањето да заврши јужно од реката Литани, околу 30 километри од израелската граница, во рок од три месеци, односно до крајот на ноември 2025 година.
- До тој датум повеќе нема да има складишта, оружје, пренос на оружје, борци или вооружено присуство во областа јужно од реката Литани, околу 30 километри од границата со Израел, додаде тој.
Истовремено, спроведувањето на оваа прва фаза ќе биде придружено со безбедносни мерки низ целата земја, рече Раги.
Либанскиот министер додаде дека останатите четири фази се однесуваат на други региони на Либан, но без конкретни рокови.
Според прекинот на огнот со кој заврши војната меѓу Израел и Хезболах на 27 ноември 2024 година, проиранската група требаше да ги повлече своите сили и да ја отстрани целата воена инфраструктура јужно од реката Литани.
Израел, кој требаше да ги повлече вооружените сили од Либан, задржа позиции на пет гранични пунктови и редовно врши напади на либанска територија, тврдејќи дека го таргетира Хезболах, кој беше сериозно ослабен од војната.
Хезболах, кој го поддржува Иран, се противи на разоружувањето, обвинувајќи ги властите дека се додворуваат на Израел и САД. јт/
Фото: МИА архива