• вторник, 22 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Либанскиот премиер го осуди израелскиот напад врз Бејрут како флагрантно кршење на примирјето

Либанскиот премиер го осуди израелскиот напад врз Бејрут како флагрантно кршење на примирјето

Бејрут, 1 април 2025 (МИА) - Либанскиот премиер Наваф Салам денеска го осуди „флагрантното кршење на примирјето“ по израелскиот напад врз јужните предградија на Бејрут, четири месеци по договорот меѓу Израел и Хејболах со кој беше ставен крај на конфликтот.

-Тој напад претставува „флагрантно кршење на договорот за прекин на непријателствата“ и на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, со која беше завршена претходната војна во 2006 година и врз основа на која беше склучен прекин на огнот што стапи на сила на 27 ноември минатата година, рече премиерот.

Либанскиот претседател Џозеф Аун го осуди нападот и ги повика сојузниците на Либан да го поддржат правото на земјата на целосен суверенитет.

Израелската војска претходно денеска бомбардираше јужно предградие на Бејрут, при што загинаа три лица, вклучително и официјален претставник на Хезболах. Тоа беше втор напад врз Бејрут од почетокот на кревкото примирје постигнато со либанскиот Хезболах пред четири месеци.

Нападот е извршен без предупредување околу 3 часот и 30 минути за време на прославата на крајот на Рамазан.

Пред претходниот напад на 28 март, израелската војска упати повик до жителите да се евакуираат пред да бомбардираат јужно либанско предградие кое се смета за упориште на Хезболах. Тоа беше прв напад врз Бејрут откако примирјето со Хезболах стапи на сила на 27 ноември. Израелската војска во заедничко соопштение со службата за внатрешна безбедност Шин Бет соопшти дека денешниот напад бил насочен кон „терорист на Хезболах кој ги предводел агентите на Хамас и им помагал да планираат голем терористички напад против израелските цивили“.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека во нападот загинале три лица, а седум се повредени.

Извор близок до Хезболах посочи дека цел на израелскиот напад бил Хасан Бдаир, одговорен за палестинските прашања во рамките на движењето Хезболах, сојузник на Хамас во војната против Израел во Појасот Газа. Бдаир бил дома со своето семејство кога бил извршен нападот, рекол изворот. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан