• среда, 18 декември 2024

Ле Пен негираше дека таа и партијата проневериле средства на ЕП

Ле Пен негираше дека таа и партијата проневериле средства на ЕП

Париз, 14 октомври 2024 (МИА) – Лидерката на француската екстремна десница, Марин Ле Пен, на денешното сослушување во Париз негираше каква било злоупотреба во случајот во кој на неа и на нејзината партија Национален собир (РН) им се суди под сомнение за проневера на средства во Европскиот парламент.

Ле Пен пред судот во Париз рече дека не гледа вистинска разлика помеѓу домашната политичка работа и политичката работа на ЕУ, бранејќи се себеси и нејзината партија од обвинувањата за проневера на фондови на ЕУ, јави Франс 24.

Таа денеска сведочеше, во првиот од трите дена, колку што се очекува да трае сведочењето.

Ле Пен, самата партија РН и уште 24 партиски функционери, вработени, поранешни пратеници и парламентарни асистенти се обвинети дека користеле пари од Европскиот парламент за да се платат вработените во Франција, кои работеле за нивната партија, која во тоа време се нарекувала Национален фронт.

Ле Пен и сообвинетите ги негираат обвиненијата и инсистираат дека парите биле користени легитимно, тврдејќи дека обвиненијата покажуваат претесна дефиниција за тоа што прави парламентарниот асистент.

Таа денеска ја истакна основата на нејзината одбрана, велејќи дека верува дека улогата на европратеникот е да ја турка агендата на нејзината партија во Франција исто толку колку и да работи на законодавството во Брисел.

-Не гледам разлика меѓу задачата на национален пратеник и задачата на европратеник, освен во однос на обемот. Ние се занимаваме со политика, рече Ле Пен.

Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите би можеле да бидат осудени на казна затвор до 10 години и парична казна од еден милион евра.

Оние како Ле Пен кои во тоа време беа избрани за функционери ризикуваат да добијат забрана од јавна функција до 10 години, додека неизбраните членови може да се соочат со забрана од пет години.

На пратениците од ЕУ им се доделуваат средства за покривање на трошоците, вклучително и за нивните помошници, но тие не треба да ги користат за финансирање партиски активности.

Европскиот парламент ја процени штетата за наводно сторените злосторства на 3,5 милиони евра.сд/

Остани поврзан