• понеделник, 23 декември 2024

Ле Мер: Пандемијата е закана за еврозоната и политичката иднина на континентот

Ле Мер: Пандемијата е закана за еврозоната и политичката иднина на континентот
Париз, 19 март 2020 (МИА) - Францускиот министер за економија и финансии, Бруно Ле Мер предупреди денеска дека сегашната пандемија е закана за еврозоната и „политичката иднина на континентот“. - Или еврозоната ќе реагира единствено на економската криза и од неа ќе излезе посилна или земјите ќе реагираат одвоено и ќе ризикуваат да исчезне, рече Ле Мер во Парламентот пред неколку пратеници. Тој додаде дека одговорноста не е само за економските и финансиските прашања, туку станува збор и за „политичката иднина“ на европскиот континент. Ле Мер ги поздрави одлуките за гаранција за 1.000 милијарди евра заеми за земјите од еврозоната, за програмата за купување средства објавена од Европската централна банка. Според него, сегашната криза сурово ги демонстрира слабостите и зависностите на еврозоната и во многу стратешки индустриски сектори, како што се за лекови, ЕУ е многу зависна од снабдувањето во Азија. - Треба повторно да ја преиспитаме глобализацијата. Влеговме во економска и финансиска војна. Таа војна ќе биде долга. Таа војна ќе има цена која не можеме целосно да ја процениме во овој момент, рече Ле Мер. Според предлог-законот за измена на буџетот, Франција веќе предвидува пад на БДП од еден отсто. Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека блокадата на земјата воведена за борба против коронавирусот, најверојатно, ќе биде продолжена по 14-дневен период. За време на посетата на здравствените установи во Париз, Макрон рече дека некои француски државјани се уште недоволно ги сфаќаат мерките за блокада. Следејќи го примерот на Италија, Макрон во понеделникот нареди блокада на земјата, која стапи во сила во вторникот во 11 часот. паг/

Остани поврзан