• петок, 05 декември 2025

Ленуар: Секој што бил на ИФФК „Браќа Манаки“ од Битола се враќа со сјај во очите

Ленуар: Секој што бил на ИФФК „Браќа Манаки“ од Битола се враќа со сјај во очите

Битола, 21 септември 2025 (МИА) - Секој што бил на ИФФК „Браќа Манаки“ потоа од Битола се враќа со сјај од очите, истакна Денис Ленуар, претседател на меѓународното жири задолжено за оценување и доделување на главните фестивалски награди.

На прес - конференција во фестивалскиот прес центар, Ленуар посочи дека добрата страна на фестивалот е што станува збор за голем собир на кинематографери, но и на студенти.

-Прв пат доаѓам на фестивалот „Браќа Манаки“ и мора да кажам дека мислев дека овој фестивал како да е некаде скриен, но сите што се враќаа од Битола, се враќаа со сјај во очите и со коментари дека фестивалот е прекрасен. Станува збор за собир на кинематографери, но и на студенти, млади таленти и режисери, меѓу кои сега сум и јас и затоа дојдов тука. Се што досега видов тука е чудесно и прекрасно, истакна Ленуар, француски кинематографер, познат по соработката со режисерот Оливие Асајас.

Во меѓународното стручно жири членува и Асја Крсмановиќ од Босна и Херцеговина, драматург, која од 2022 година ја координира Мрежата на фестивали во Јадранскиот регион.

-Работиме во многу слични околности и можеме многу нешта да споделиме, да ја продлабочиме соработката и искуствата што ги имаме. На тој начин заеднички ќе влијаме на равојот на културата во регионот, посочи Крсмановиќ, која од оваа година е назначена за раководителка на „Синелинк“.

По пауза од 10 години, во Битола и на ИФФК „Браќа Манаки“ доаѓа и Астрид Хојбрантнер од Австрија која како истакната кинематограферка годинава членува во меѓународното жири.

-Прв пат на ИФФК „Браќа Манаки“ дојдов пред 10 години, на традиционланиот собир на ИМАГО каде имаше бројни кинематографери. Уште тогаш помислив и посакав повторно да се вратам во Битола, и еве ме повторно како членка на жирито. Се што тука се случува е инспиративно. Посебно се радувам што овој фестивал е фестивал на кинематограферите и место каде што може да се сретнат и да разговараат за својата работа. Со нетрпение очекувам да ги погледнам сите филмови од официјалната конкуренција за главните награди, нагласи Хојбрантнер, професорка на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена.

Заедно со Ленуар, Крсмановиќ и Хојбрантнер, во жирито членуваат и македонскиот филмски режисер Мирко Панов и Валерио Карузо, директор на веб-страницата на „Синеуропа“. мт/дма/


Фото: МИА
 

Остани поврзан