• недела, 22 декември 2024

Лекарската комора и здруженијата на пациентите потпишаа Меморандум за соработка

Лекарската комора и здруженијата на пациентите потпишаа Меморандум за соработка

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) – Со цел унапредување на заедничката соработка во насока на создавање на подобри услови за лекување на пациентите и работа на лекарите, Лекарската комора потпиша Меморандум за соработка со здруженијата на пациенти, информираат од Лекарската комора.

Документот во име на Комората го потпиша претседателката Калина Гривчева Старделова со претставници на здруженијата за бубрежно болни граѓани „Нефрон“, за ретки болести „Живот со предизвици“, Хепар центар Битола, здруженијата за хронична миелоидна леукемија, за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Сојузот на здруженија на дијабетичари, Здружението на пациенти со рак и нивни негуватели „ХЕМА-ОНКО“ и „ФЕМИНА М“ здружение за помош и поддршка на пациентите со гинеколошки заболувања.

Претседателката на Комората, Гривчева Старделова истакна дека меморандумот е израз на добра волја на двете страна за понатамошна поблиска соработка.

- Ова е важен настан за сите нас, бидејќи испраќаме јасен сигнал до јавноста дека лекарите и пациентите не се две спротивставени страни, како што тоа најчесто се перципира, туку напротив, тие се вистински сојузници со заедничка цел, а тоа е овозможување на што подобар третман за пациентите, што е тесно поврзано со обезбедување на подобри условите за работа на докторите, изјави Гривчева Старделова.

Заедничките активности ќе бидат насочени кон подигнување на нивото на соработка и комуникација меѓу пациентите и лекарите за зајакнување на довербата и воспоставување на партнерски однос, давање меѓусебна поддршка за прашања од заемен интерес преку заеднички соопштенија, прес – конференции, форуми.

Лекарите и пациентите ќе реализираат заеднички активности насочени кон подигнување на нивото на општото здравје, и заедно ќе настапуваат пред надлежните институции за предлагање на решенија за прашања од заеднички интерес.

- Како приоритетна активност во наредниот период се идентификуваше потребата од заедничко вклучување во процесот на измени и дополнување на Позитивната листа на лекови, известуваат од Лекарската комора.

Потписниците на Меморандумот, исто така, ќе одржуваат и редовни координативни состаноци, а во овие активности ќе може да се приклучат и други здруженија на пациенти кои ги делат истите цели и интереси. ир/са/

 

Фото: Лекарска комора

Остани поврзан