• понеделник, 04 ноември 2024

Лекари без граници: Судан е една од најлошите кризи во светот во изминатите децении

Лекари без граници: Судан е една од најлошите кризи во светот во изминатите децении

Женева, 20 јуни 2024 (МИА) – Граѓанската војна во Судан предизвика една од најтешките хуманитарни кризи во светот во изминатите децении, изјави денеска меѓународниот шеф на медицинската добротворна организација Лекари без граници, Христос Кристоу.

Во Судан повеќе од една година траат борбите помеѓу редовната војска под команда на началникот на армијата Абдел Фатах ал-Бурхан и паравоените Сили за брза поддршка предводени од неговиот поранешен заменик Мохамед Хамдан Дагло.

- Судан е една од најлошите кризи што светот ги видел со децении … сепак хуманитарниот одговор е длабоко несоодветен. Постојат екстремни нивоа на страдање низ целата земја, а потребите растат од ден на ден, објави на Икс, Кристоу.

Според податоци на Обединети нации, конфликтот, што почна во април 2023 година, резултираше со десетици илјади смртни случаи и раселени повеќе од девет милиони луѓе. Двете страни се обвинети за воени злосторства, неселективно гранатирање на станбени области и блокирање на хуманитарната помош, и покрај предупредувањата дека милиони луѓе се на работ на глад.

Групите за права и САД, исто така, ги обвинија паравоените сили за етничко чистење и злосторства против човештвото. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан