• сабота, 23 ноември 2024

Леви: Хамас и натаму држи 137 заложници

Леви: Хамас и натаму држи 137 заложници

Тел Авив, 1 декември 2023 (МИА) - Израел верува дека во заробеништво се уште се наоѓаат 137 лица, кои на 7 октомври беа киднапирани од милитантите на Хамас за време на смртоносниот напад на југот на Израел, соопшти денеска портпаролот на израелската Влада, Ејлон Леви, пренесе „Тајмс од Израел“.

Меѓу киднапираните има 115 мажи, 20 жени и две деца, се додава во соопштението пренесено од Си-Ен-Ен. 

Од нив, 126 лица се израелски државјани, а има и 11 странци: осум од Тајланд, еден од Непал, еден од Танзанија и едно лице со француско-мексиканско државјанство, додава Леви. 

Во заробеништво има и двајца малолетници, како и 10 лица на возраст од 75 или повеќе години, според проценката на израелските служби. 

Седум лица во моментов се водат како исчезнати, соопшти канцеларијата на Нетанјаху. 

Од почетокот на привременото седумдневно примирје, што заврши денеска, од заробеништво на Хамас се ослободени 110 лица, меѓу кои 86 Израелци и 24 странци. 

Израелската армија претходно објави дека денеска ги обнови борбените операции против Хамас во Појасот Газа и дека нејзините авиони во моментов изведуваат серија воздушни напади врз цели на милитантната група на југот од Појасот Газа. 

Израелската војска тврди дека Хамас ги прекршил условите на привремениот прекин на огнот и истрелал ракета на израелска територија непосредно пред истекот на примирјето, утринава во 6 часот по локално време, поради што примирјето не е продолжено. сд/

фото:Х

Остани поврзан