• понеделник, 23 декември 2024

Левица: Шест години Преспански договор - сè подалеку од ЕУ, сè поблиску до бугаризација

Левица: Шест години Преспански договор - сè подалеку од ЕУ, сè поблиску до бугаризација

17 јуни 2024 

Со Преспанскиот договор, владејачките елити од двете страни на границата, поддржани од европските бирократи, директно го прекршија цивилизациското право на самоопределување на македонскиот народ!
 
Наметнатото и нелегитимно име на државата не е прифатено од обичните граѓани на Република Македонија и не може да биде никаков гарант за просперитет или помирување помеѓу двата народа!
 
Реалноста во која живее македонскиот народ, шест години по потпишувањето на срамниот т.н. Преспански договор, ги исфрли на виделина сите ноторни лаги на домашниот и странскиот политичкиот естаблишмент, изнесени за време на  кампањата за промена на уставното име на Република Македонија!
Референдумското прашање за промена на уставното име на Република Македонија беше формулирано со капциозно прашање, проследено со агресивна милионска пропаганда и при такви услови, опресорот едвај успеа да обезбеди 36% излезност на референдумот.
 
Самиот начин на кој беше извршена промената на името, преку амнестии за тешки криминали, погазување на народната волја и ослободување на криминалци и затвореници, резултираше со прогласување на Македонија за хибриден режим.
 
Шест години подоцна, Македонија не само што не е членка на ЕУ, туку се чини дека сме сè подалеку од ваков резултат!
 
Уценувањата за кои се ветуваше дека нема да постојат, денес се основен дел на агресивната бугарска политика, каде ЕУ повторно поддржува насилничко поведение, овојпат преку т.н. француски предлог, кој дополнително го ревидира македонскиот идентитет. Сепак, и утре да се случат бараните уставни измени, резултатот ќе биде ист - Македонија ќе остане надвор од ЕУ, додека земјата ќе се користи како полигон за империјалистичките потреби на НАТО, кои се финансираат директно од џебот на граѓаните.
 
Помирување и солидарност помеѓу народите се гради единствено преку почитување на националното право на самоопределување на секој народ и соработка на работничката класа, а не преку уцени и национал-шовинистички политики, поддржани од империјалистички пакт којшто врши супресија на помалите народи.
 
Раководителите на ЕУ е должно да го променат политичкиот курс што го водат  кон Македонија. Во спротивно, како се зголемуваат неразумните барања на нашите соседи, така евроскептицизмот во државава дополнително ќе расте, додека идејата за обединета Европа станува сè поневозможна!
 
Една држава не може да биде слободна, доколку своето внатрешно уредување го гради поради опресија вршена од други држави! Договорите донесени заради лукративните интереси на домашните и странските моќници, не се народни, туку ништовени.
 
Македонија има право на интеграција во меѓународните организации еднакво како и сите останати држави, без притоа да толерира некакви историско-ревизионистички и национал-шовинистички барања од нашите соседи.

Политичка партија Левица 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан