Левица: Не поминаа предлозите за дуплирање на породилното отсуство и плата до 5-ти во месецот
- СООПШТЕНИЕ -

1 април 2025
За жал, пратениците од владејачкото мнозинство, составено од ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ, продолжуваат со нивната арогантност игнорирајќи ги потребите и барањата на граѓаните. На денешната седница на Собранието се најдоа два Предлог-закони на пратеничката група на Левица со кои беше предвидено зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци и исплаќање на платите на работниците до петти наредниот месец наместо до петнаести.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, го образложи Предлог-законот за дуплирање на породилното отсуство потенцирајќи дека ваквото законско решение одговара и на левиот и на десниот политички кампус, односно вградена е вредноста за социјалните права и семејните вредности. Тој истакна дека обединувачка е националната потреба која е од корист за целата држава: „Во 2016 имало граѓанска иницијатива за вакви законски измени, па во 2017 пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила вакви законски измени кои тогаш не добиле поддршка од тогашното мнозинство“ – потсети пратеникот од Левица.
Мециновиќ истакна дека овој предлог во однос на мајчинството е само почеток, а треба да се адресираат и други неразумни сегменти какви што се: условот за непрекинат работен однос од 6 месеци, губењето на работното место и со тоа – ограничување на породилното отсуство и слично.
Тој ги наброи здравствените и психолошките придобивки за мајката и детето, финансиската стабилност на родителите, како и општествените придобивки. Мециновиќ ја истакна и демографската криза во Македонија, односно негативниот прираст по којшто мора да се делува. За крај тој посочи дека и компаративната анализа од европските земји укажува на потребата од ваквото законско решение и потести дека Македонија во својата политичка традиција ги негува ваквите социјални политики, а во изминатите три децении, за жал, Македонија се откажува од истите кои, впрочем, биле карактеристични за неа.
Владејачкото мнозинство не го прифати ниту предлогот за исплата на платата на работниците до 5-ти во месецот, а овој Предлог-закон го образложи пратеникот од Левица, Сашко Јанчев: „Ако може за нас, пратениците, платата да се исплаќа до петти во месецот – тогаш треба и за сите останати кои нѐ избрале да им се исплаќа до петти“ – истакна тој.
Јанчев посочи дека сегашното правило за исплаќање на платите на работниците до 15-ти во месецот ги става во особено тешка ситуација граѓаните коишто треба да исплаќаат рати од кредитите, да плаќаат кирија и да ги платат месечните сметки.
ПП Левица
_____________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки