Левица: Делчев е споменик на непокорот, визионер кој ја согледа нужноста од организирана, народна борба за слобода
- По повод 122-годишнината од смртта на Гоце Делчев, делегација на Левица предводена од пратеникот Борислав Крмов заедно со членовите на Централниот комитет Горан Костовски и Катерина Јовановска денеска положи цвеќе во црквата „Свети Спас“.
Скопје, 4 мај 2025 (МИА) - По повод 122-годишнината од смртта на Гоце Делчев, делегација на Левица предводена од пратеникот Борислав Крмов заедно со членовите на Централниот комитет Горан Костовски и Катерина Јовановска денеска положи цвеќе во црквата „Свети Спас“.
Како што информира Левица, денес кога темелите на македонската национална свест се системски разнебитувани од страна на, како што велат, квислиншките структури на власта, под директива на странски центри и амбасади, императив е да се потсетиме на заветот на Делчев и да се вградиме во неговиот идеал – за слободна, праведна и народна Македонија, која нема да биде слугинка на туѓи интереси.
- Делчев е споменик на непокорот, визионер кој ја согледа нужноста од организирана, народна борба за слобода. Затоа, денес, кога гледаме како се понижува македонската историја, се препродаваат националните интереси, а народот тоне во сиромаштија и безизлез - должност ни е да се бориме. Да се спротивставиме на политиките на колонизација, на бришење на идентитетот, на продажбата на секој педа земја и достоинство. Левица се позиционира како автентичен продолжувач на револуционерната мисла на Делчев - непомирлива кон неправдата, неподмитлива пред центри на моќ и безрезервно посветена на народот. Во време на политичка капитулација, кога се гази врз достоинството на државата и се разнебитува националниот идентитет, Левица останува бастион на отпорот, глас на обесправените и браник на македонскиот суверенитет. Слава му на Гоце Делчев!, се вели во соопштението. мд/мч/
Фото: МИА архива