Лазаров: Да не беа повредите сигурен сум дека ќе ги победевме Португалците
- По голема борба македонските ракометари стигнаа до нерешен резултат (29:29) против селекцијата на Португалија, која на последниот светски шампионат во 2025 година беше полуфиналист
Хернинг, 18.јануари 2026 (МИА) – По голема борба македонските ракометари стигнаа до нерешен резултат (29:29) против селекцијата на Португалија, која на последниот светски шампионат во 2025 година беше полуфиналист. Противникот во вториот дел имаше и предност од пет разлика, но одлично водени од клупата македонските ракометари стигнаа до голем резултат против квалитетен противник.
- Не е лесно да играш против светска велесила како што е Португалија. Ремизиравме со полуфиналистот од претходното светско првенство и тоа е огромен резултат. Успехот е уште поголем ако се знае дека поради повреди останавме без двете десни крила, а црвен картон доби и Никола Маркоски. Да не беа повредите сигурен сум дека ќе ги победевме Португалците. За време на полувремето пробавме да се реорганизираме и со голема борба и пожртвуваност да дојдеме до бод. Ќе се обидеме во вторник да победиме со што поголема разлика. Сепак прва и основна работа ни е да ја победиме Романија а потоа ќе видиме што понатаму. Тоа што е сигурно е дека утре сигурно нема да имаме тренинг, потребно е играчите да се одморат, изјави селекторот Кирил Лазаров по натпреварот.
Македонските ракометари во вторник во 18 часот го играат третиот дуел од групата против Романија. мн/
Фото: МИА