Лазарини: Забраната за работа на УНРВА ќе доведе до зголемен број смртни случаи во Појасот Газа
- -Тоа ќе создаде вакуум, а, исто така, би поттикнало поголема нестабилност на Западниот Брег и Газа, и ќе значи дека повеќе луѓе ќе загинат во Газа, рече тој.
Газа, 30 октомври 2024 (МИА) - Директорот на Агенцијата на ОН за помош и работа на палестинските бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини, денеска изјави дека новиот израелски закон за забрана на работата на УНРВА на територијата на оваа земја ќе создаде вакуум во обезбедувањето помош, што, како што оцени, ќе доведе до повеќе смртни случаи и нестабилност во Појасот Газа.
Во интервју за АП тој рече дека законот е „во крајна линија антипалестински“, бидејќи УНРВА обезбедува медицински и образовни услуги во окупираната енклава.
Сите операции на агенцијата во Газа и на Западниот Брег мора да бидат одобрени од израелските власти,а новите закони, што се очекува да стапат на сила за три месеци, може да доведат до прекин на активностите на УНРВА.
-Тоа ќе создаде вакуум, а, исто така, би поттикнало поголема нестабилност на Западниот Брег и Газа, и ќе значи дека повеќе луѓе ќе загинат во Газа, рече тој.
Лазарини нагласи дека агенцијата бара „креативни начини“ да продолжи да работи на палестинските територии.
Тој апелираше за поддршка од Генералното собрание на ОН и донаторите да продолжат да даваат услуги и го повика Израел да ја повлече одлуката или да го продолжи тримесечниот грејс период. Сепак, Лазарини тврди дека Израел, кој има затегнати односи со УНРВА, не комуницирал со организацијата по усвојувањето на законот. Тој рече дека половина од жителите на Газа се под 18 години, меѓу нив 650.000 девојчиња и момчиња кои живеат во урнатини , соочувајќи се со траумата од нападите кои траат повеќе од една година.
-Ослободувањето од УНРВА, исто така, е начин да им се каже на овие деца дека немаат иднина. Образованието е единственото нешто што никогаш не им било одземено на Палестинците, рече тој.
Меѓународното право им дава право на палестинските бегалци и нивните потомци да се вратат во своите домови, што Израел не го дозволува, тврдејќи дека тоа ќе го поткопа еврејското мнозинство во земјата.
Лазарини тврди дека нападите врз УНРВА, исто така, се дел од планот за одземање на Палестинците на статусот бегалци. Во писмото до ОН, тој наведува дека израелските закони и кампањата против агенцијата „нема да го укинат бегалскиот статус за Палестинците, што постои независно од службите на УНРВА, но сериозно ќе им наштети на нивните животи и иднина“.
Израел тврди дека стотици палестински милитанти работат за УНРВА и дека околу десет вработени учествувале во нападот на Хамас на 7 октомври, за кој Тел Авив не обезбеди докази.
Во текот на изминатата година, Израел стотици пати ги нападна објектите на УНРВА, од кои 200 се уништени, а во израелските напади досега се убиени најмалку 237 вработени.сд/
фото:МИА архива