• петок, 22 ноември 2024

Лагард: Каматите во Еврозоната веројатно ќе почнат да се намалуваат

Лагард: Каматите во Еврозоната веројатно ќе почнат да се намалуваат

Брисел, 12 јануари 2024 (МИА) – Каматните стапки во Еврозоната ја достигнаа својата највисока точка и најверојатно нема да продолжат да растат, туку ќе почнат да се намалуваат, но не можам да дадам датум, изјави претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард во интервју за француската телевизија Франс 2. 

- Не можам да ви дадам датум. Ако ја добиеме битката со инфлацијата и ако сме сигурни дека инфлацијата ќе биде на два отсто, тогаш стапките ќе почнат да се намалуваат, рече Лагард. 

По рапидното зголемување на инфлацијата во Еврозоната, иницирано од растот цените на енергенсите предизвикан од руската инвазија врз Украина во 2022 година, ЕЦБ презеде строги мерки за нејзино зауздување со драстично зголемување на својата основна каматна стапка, која е на рекордно ниво од четири отсто.   

Откако инфлацијата достигна двоцифрени вредности кон крајот на 2022 година, како резултат на мерките на ЕЦБ и забавеното темпо на раст на потрошувачките цени, во текот на изминатата година инфлациската стапка се намали и минатиот месец беше сведена на 2,9 отсто, што и натаму е над поставената цел на Централната банка од два проценти. сп/

Фото: Икс

 

Остани поврзан