• понеделник, 08 јули 2024

Лагард: Економијата во еврозоната е на пресвртна точка

Лагард: Економијата во еврозоната е на пресвртна точка
Франкфурт, 14 јуни 2021 (МИА) - На пресвртна точка е економијата на еврозоната, а нејзиното цврсто и одржливо закрепнување е неопходен предуслов Европската централна банка (ЕЦБ) да размисли за повлекување на програмата за итна поддршка, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард во интервју за „Политикоин“. ЕЦБ минатата недела одлучи да остане при зголемено купување обврзници за да ги задржи трошоците за позајмување во економиите во еврозоната екстремно ниски, а креаторите на монетарната политика дури и не разговараа за намалување на поддршката, иако економскиот раст се опоравува побрзо отколку што беше предвидено претходно. - Не сугерирам дека програмата за пандемски итни набавки (ПЕПП) ќе заврши на 31 март. Имаме многу простор за флексибилност и во однос на економските изгледи одиме во вистинската насока, посочи Лагард. Таа додаде дека е рано да се разговара за укинување на програмата ПЕПП во вредност од 1,85 билиони евра, што треба да трае најмалку до 31 март 2022 година или додека не заврши кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. Економистите очекуваат ЕЦБ на состанокот во септември да започне да го разгледува крајот на ПЕПП, а огромното мнозинство аналитичари не предвидуваат дека оваа програма ќе се прошири и продолжи. Наместо тоа, според нив, ЕЦБ е поверојатно да се врати на претходната и поригидна програма за набавка на средства, која веројатно нема да биде временски ограничена, бидејќи се проценува дека инфлацијата ќе остане под целта на ЕЦБ во следните години. ми/

Остани поврзан