• петок, 05 декември 2025

КФСМ ќе ја зајакне кошарката во колички во Македонија

КФСМ ќе ја зајакне кошарката во колички во Македонија

 

Скопје, 30 мај 2025 (МИА) – Претставници на кошаркарскиот клуб во колички ККК „Хопе Спорт“ и нивните партнери – помагатели денеска на средба во Скопје добија уверување дека македонската Кошаркарска федерација (КФСМ) е подготвена да помогне во развојот и зајакнување на кошарката во колички во Македонија.

„Ве уверувам дека ние, како ново раководство на Федерацијата сме апсолутно подготвени да излеземе во пресрет на вашите барања кои се поврзани со зајакнување на можностите за кошарката во колички во нашата земја“, истакна генералниот секретар на КФСМ Томче Стојчевски на средбата со челните луѓе на ККК „Хопе Спорт“, Горан Спасов и Дејан Ѓорѓиевски.

На средбата, како што е соопштено, присуствуваа и професорите на Факултетот за спорт и физичко образование на Универзитетот во Ниш, Миодраг Коциќ и Марко Александровиќ, кои ги презентираа можностите за соработка на КФСМ со ККК Хопе Спорт

„Кога го гледаме нашето кошаркарско опкружување, едноставно не сакаме да го ’„испуштиме возот“ како што тоа, на пример, беше во случајот со проектите поврзани со ’3×3‘. Ќе ги ставиме на располагање потребните ресурси од страна на федерацијата, како салата во СРЦ „Кале“, нашиот проект-менаџер, преку оној судиско-делегатски кадар, се до изнаоѓање на решенија за пронаоѓање на спонзори кои би дале свој финансиски придонес во реализација на вашите планирани активности“, посочи Стојчевски.

Потпретседателот на КФСМ, Младен Ѓуроски, порача дека ова нема да остане на зборови, туку дека во определен временски рок, сето ова ќе биде поставено на повисоко ниво на функционирање и соработка, со конкретни потези од страна на раководниот тим на Федерацијата. ег

ФОТО: КФСМ

 

Остани поврзан