Курц: Западен Балкан не смее да биде оставен сам во корона кризата
- Западен Балкан е регион во нашата непосредна близина и затоа ние имаме најголем интерес да биде стабилен и земјите од регионот да имаат европска перспектива, порача австрискиот канцелар Себас
Виена, 5 мај 2020 (МИА) - Западен Балкан е регион во нашата непосредна близина и затоа ние имаме најголем интерес да биде стабилен и земјите од регионот да имаат европска перспектива, порача австрискиот канцелар Себастијан Курц во пресрет на утрешниот Самит на ЕУ за Западен Балкан.
Курц истакна дека земјите од Западен Балкан не смеат да бидат оставени сами во надминување на кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот.
- Поради тоа, ЕУ, но и Австрија, овозможуваат помош во грижата за пациентите кои се на интензивна нега, како и во испораката на заштитна опрема и лекови, рече Курц.
Минатата недела Австрија прими еден пациент од Црна Гора на Клиниката во Грац и изрази подготвеност да прими и пациенти од Србија, како што претходно најави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг.
Во Виена истакнуваат дека Самитот, кој требаше да се одржи во Загреб, а сега ќе биде преку видео врска, претставува сигнал за солидарност со регионот.
Видео-самитот се очекува да трае еден час, а на него ќе учествуваат лидерите на ЕУ, предводени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Првата тема на конференцијата е солидарноста во пандемијата, втората е европската перспектива на Западен Балкан и поддршката на ЕУ за реформските напори на земјите.
Во третиот дел ќе стане збор за поддршка во справување со социо-економските последици од кризата, а четвртиот дел од состанокот ќе биде насочен кон безбедносната соработка. паг/