• понеделник, 04 ноември 2024

Курт: Веруваме дека ќе има огромен ефект новиот модел на субвенционирање на авио летови  

Курт: Веруваме дека ќе има огромен ефект новиот модел на субвенционирање на авио летови  

Анталија, 20 септември 2024 (МИА) - Новиот модел на субвенционирање на авио летови преку субвенционирање на авиокомпаниите ќе има огромен ефект за зголемување на бројот на авиокомпании, но и на дестинации од македонските аеродроми, смета директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт. 

-Колку што сум информиран има многу заинтересирани авиокомпании кои аплицирале на повикот, но во моментов не моќе да откријам точно кои. Веруваме дека ќе има огромен ефект за зголемување на бројот како на авиокомпании, така и на нови дестинации безз разлика дали тие нови дестинации ќе бидат од една иста компанија или од повеќе различни, изјави Курт во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Анталија каде ТАВ го реновира аеродромот со кој управува.  

Тој нагласи дека пред да биде финализиран јавниот повик претставниците на ТАВ имале редовни состаноци со Комисијата од Министерството за транспорт и врски.

-Има пријавено авиокомпании кои се заинтересирани за дестинации кои претходно беа оперирани од  аеродромите, но и за нови. Не би сакал да ги отривам имињата зошто сега се заинтересирани, вие можеби ќе објавите вест, а после можеби повеќе нема да бидат заинтересирани. Ние постојано градиме односи и преговараме со авиокомпаниите со министри, со амбасадори, особено со министрите за надворешни работи кога доаѓаат за отворање на некоја авиолинија која е барана. Имаме и наша програма за субвенции на авиокомпании, но сепак на крајот одлуката за тоа дали ќе се воведе некоја дестинација или не или, пак, дали некоја авиокомпанија ќе почне да оперира од аеродромите останува на самите авиокомпании ко ја носат финалната одлука. Се надевам дека ќе биде подобро. Ќе видиме каков ќе биде ефектот од субвенциите од Владата и како сето тоа ќе се проследи и ќе продолжи понатаму, рече Курт. 

Најави дека наскоро ќе го финализираат мастер планот за развојот на македонските аеродроми во наредните 20 до 30 години и дека ќе и го престават на Владата. 

-Нашата концесија истекува во 2032 година, но обврска на секој аеродромски оператор е да ја предвиди и планира иднината, односно што е потребно да се направи со аеродромите и со околината и да ги сподели своите согледувања со властите без разлика дали ќе продолжи да управува или ќе си замине. Ние нашиот мастер план ќе го споделиме со Владата и тој не е поврзан со концесијата, рече Курт и додаде дека со мастерпланот сакаат на двата аеродроми да им го зголемат капацитетот и да ги направат поефикасни.  

Прашан за текот на истрагата за инцидентот на македонското небо од 7 септември, Курт рече дека ТАВ е одговорен за авионите кога се на аеродромот, а инцидентот се случил при прелет.

-За прелетите над нашата територија одговорна е М НАВ, а ние сме одговорни додека воздухопловите се на земја како аеродромски оператор. Штом ќе полетаат одговорноста е на контролата на летање, посочи Курт. 

Главниот извршен директор на ТАВ Серкан Каптан посочи дека ТАВ во моментов оперира со три аеродроми во регионот, - Скопје, Охрид и Загреб и планира да се прошири во Подгорица и Тиват.

-Скопскиот и Охридскиот аеродром во Македонија беше нашата прва инвестиција на Балканот, а во 2014 година почнавме со оперирањето на Загрепскиот аеродром во Хрватска. Непосредно пред пандемијата имаше тендер за давање под концесија на аеродромите во Црна Гора во Подгорица и Тиват и ние сме меѓу трите компании кои беа во потесниот избор. Заради ковидот повикот беше прекинат, а од последната Влада на Црна Гора има најави дека ќе продожи пеоцесот. Очекуваме да заврши до крајот на годинава или на почетокот на 2025 година и се надеваме дека ќе заврши, рече Каптан.

Тој посочи дека авиособраќајот во светот се опоравува по падот предизвикан од пандемијата и дека се очекува годинава целосно да се опорави на светско ниво и да има 9,7 милијарди патници во авиосообраќајот со што ќе с е надмине 2019 година кога имаше 9,2 милијарди патници на светско ниво.

-На долг рок авиосообраќајот ќе продолжи да расте пред се поради растот на средната класа граѓани, но и поради нискобуџетните авикомпании и се очекува во наредните години да се превезуваат и по 20 милијарди патници годишно. Најмногу ќе расте во Азија и на Блискиот исток.

Токму Блискиот Исток, како што кажа, ќе биде во фокусот на ТАВ. ТАВ во моментов управува со 15 аеродроми во 8 држави, а аеродромот во Анталија е најголем и превезува 20 милиони патници годишно. Во моментов се врши реконструкција на аеродромот вредна 2,5 милијарди евра, пари обезбедени од 12 разни банки заради добриот кредитен рејтинг што го имаат.

Директорот на Аеродромот во Анталија, Дениз Варол порача дека сакаат како најголем аеродром на Медитеранот да го пренесат своето знаење на македонските аеродроми со цел да привлечат што повеќе туристи. Најави дека наскоро на Аеродромот во Анталија ќе бидат поставени информативни табли за Скопскиот и Охридскиот аеродром со цел да се привлечат патници и туристи. Од Анталија во моментов има четири чартер летови за Скопскиот аеродром неделно, а целта е тој број да се зголеми. Во последниве неколку години најголем број од туристите што ја посетуваат нашата земја се токму од Турција. 

-Маркетингот е најзначаен за развој на аердромите. Поради проблемите со визите Балканот е повторно актуелен за граѓаните од Турција. Анталија има три милиони жители, а со регионот достигнува до пет. Наскоро ќе поставиме панели за рекламирање на аеродромите во Скопје и во Охрид. Се трудиме преку маркетинг да ги привлечеме авиокомпаниите. Би ја промовирале Македонија како одлична дестинација, рече Варол. вј/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан