• среда, 17 јули 2024

Куртовски: Посветено ја градиме општина Маврово и Ростуше по европски пример

Куртовски: Посветено ја градиме општина Маврово и Ростуше по европски пример
Дебар, 15 март 2021 (МИА) – Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски информираше дека со забрзана динамика продолжува реализацијата на капитални проекти и дека посветено ја градат општина по европски пример. -Градиме по план низ целата општина. Влогот во развој и унапредување на инфраструктурата е влог во услови за подобар живот во секое наше населено место и во оваа насока продолжуваме. Со почеток на градежната сезона, градежната офанзива и во време на пандемија продолжува со засилен интензитет, напиша Куртовски на Фејсбук. При тоа градоначалникот наведува неколку проекти кои се во тек на реализација. - Изградба на потпорни и заштитни ѕидови за стабилизација на теренот во месноста викана Сисвети, во село Скудриње со што ќе се уреди просторот под игралиштето каде што ќе се обезбеди и паркинг простор, а во истото село во тек е оградување и бетонирање на спортско игралиште во ООУ „Блаже Конески”. Исто така се уредува подот во ПОУ „Блаже Конески” село Аџиевци, како и внатрешноста на ПОУ „Хајан Селмани“ село Јанче, посочува градоначалникот Куртовски. Според него, при крај се активностите за започнување на уште неколку проекти. -Избран е изведувач на работи за изградба на локален пат Аџиевци-Присојница, во тек е тендерска постапка за реконструкција на локален пат за село Сретково, тендерска постапка за санација на локален пат за село Врбјане и тендерска постапка за оградување на локациите со контејнери во општината, информира градоначалникот на општина Маврово Ростуше. Куртовски оценува дека капиталните инвестиции, вложувањата во инфраструктурни проекти на локално ниво, како предуслов за подобрување на условите за живот на граѓаните, но и за развојот на општината, остануваат приоритет за него како градоначалник, за што потврда за тоа се проектите.вт/мд/

Остани поврзан