• четврток, 21 ноември 2024

Курти: Србија секогаш ќе биде опасност за земјите кои го попречуваат проектот „српски свет“

Курти: Србија секогаш ќе биде опасност за земјите кои го попречуваат проектот „српски свет“

Приштина, 2 ноември 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека Србија секогаш ќе биде опасност за земјите кои го попречуваат проектот наречен „српски свет“, при што, освен Косово, како земји кои, како што рече, „се задеваат“ од Србија, ги спомна уште Црна Гора и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според денешното соопштение на службата за информирање на неговиот кабинет, овие изјави Курти ги дал за време на неговиот дводневен престој во Швајцарија, каде како главен говорник учествувал на дебата организирана од Швајцарското друштво за надворешна политика.

Косовскиот премиер оценил дека нема надеж оти Србија може да се реформира со оваа „авторитарна елита“ што ја води земјата.

„Се додека нејзината авторитарна елита продолжува да шири дезинформации, да мобилизира војници долж нашата граница и да одбива да ги гони терористите кои го убија нашиот полициски наредник пред една година во Бањска кај Звечан, Србија секогаш ќе претставува голем безбедносен ризик не само за Косово, туку и за другите соседни земји кои го попречуваат проектот на 'Голема Србија', кој сега го нарекуваат 'српски свет', односно Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои, освен Косово, се задеваат од неа“, се цитира Курти во соопштението од неговиот кабинет.

Тој се осврнал и на одбивањето на Србија да го потпише договорениот Рамковен договор и неговиот анекс и ги истакнал, според него, „постојаните прекршувања од страна на Србија кои кулминираа со писмото на поранешната српска премиерка Ана Брнабиќ до ЕУ“, во кое се вели дека Србија нема да го почитува територијалниот интегритет на Косово. Тоа, според Курти, „практично значи повлекување од Основниот договор и неговите основни принципи“.

Шефот на косовската влада во своето обраќање го споменал и влијанието на економската и политичката експанзија на Русија и Кина во Западен Балкан, при што истакнал дека е од суштинско значење „Косово и целиот Западен Балкан да останат закотвени во вредностите на ЕУ“.

„Јас замислувам една Европа во која Западен Балкан е целосно интегриран, не само економски, туку и културно и социолошки. Европа доволно силна да се спротивстави на надворешните притисоци, во одбрана на сите нејзини граѓани. Европа во која нашите млади гледаат иднина во која можат да веруваат и каде што можат да ги остварат своите соништа“, изјавил Курти, оценувајќи дека „следните години ќе бидат одлучувачки за одредување на темпото на интеграција во ЕУ“. иа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан