• среда, 25 декември 2024

Курти предложи нов нацрт-статут на ЗСО

Курти предложи нов нацрт-статут на ЗСО

Приштина, 3 мај 2023 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти денеска ја објави својата верзија на нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство (Заедница на српски општини - ЗСО) и додаде дека „фундаментално не се согласува“ со Нацрт-статутот што синоќа беше претставен во Брисел од страна на Управувачкиот  тим.

"Фундаментално не се согласувам со нацртот. Тој ја претставува желбата за Република Српска на Косово", напиша Курти на Твитер.

Според неговите зборови, Статутот на ЗСО треба да произлезе од авторитетот на конвенциите на Советот на Европа, односно од Рамковната конвенција, како и да обезбеди можност припадниците на српската заедница во Косово да ги промовираат и заштитат своите интереси преку рамката на  самоуправување.

Во верзијата на Курти се наведува дека ЗСО ќе промовира нетериторијален проект, каде функционално би биле претставени сите Срби на Косово, врз основа на правото на глас и принципите предвидени со Уставот на Косово, во согласност со принципот на еднаквост пред законот и недискриминација.

Врз основа на него, се додава, сите Срби на Косово би го оствариле своето право на слободно здружување заради заштита или застапување за политички, национални, културни, социјални, економски и други права и цели.

ЗСО, според предлогот на Курти, би обезбедил директен канал за комуникација со Владата на Косово, меѓу другото и преку учество во Консултативниот совет на заедниците.

Се додава дека ќе обезбеди можност да се финансира од буџетот на косовската Влада, меѓународни организации, институции на трети земји и донации, вклучително и од Србија, но дека се мора да помине во процедурите и прописите на Министерството за финансии на Косово.

Треба да ја предвиди можноста за соработка со сите институции, вклучително и општините, со цел да се поддржи нејзината работа и мисија за своите членови.

„Во целост ги признава уставните карактеристики на Република Косово, како што се почитувањето на независноста, единствениот институционален систем, територијалниот интегритет на Републиката и ќе придонесе за негова целосна реализација во пракса“, се наведува во нацрт-статутот на Курти.

ЗСО, се додава во предлогот, ќе ги користи постојните закони за давање можности за одредени непрофитни услуги, формирање здруженија од областа на културата, уметноста, науката и образованието, како и студиски и други здруженија за изразување, негување и развој на српскиот идентитет, со закони кои се во сила на Косово.

Во нацртот се наведува дека ќе обезбеди процедура за регистрација кај надлежниот орган на Владата на Косово за администрација и општи процедури за усогласување со законите кои важат во Косово, како и дека ќе обезбеди и промовира почитување на политичкиот плурализам, правото на говор, слобода на здружување и право на слободна заштита на политичкиот и верскиот идентитет на Србите во Косово.

Проектот, како што се додава во предлогот на Курти, како придружна обврска, треба да ја персонифицира заедничката определба на Косово и Србија да останат искрени и посветени на обезбедување дека нивните немнозински заедници ги исполнуваат истите стандарди за заштита на човековите права.

„Стандарди кои се заеднички за демократските и обединети општества и кои никого не оставаат зад себе“, се додава во нацрт-законот предложен од косовскиот премиер. сд/

Остани поврзан