• четврток, 19 декември 2024

Курти на самитот на Берлинскиот процес: Косово еднострано ќе дозволи влез на граѓаните на БиХ со лични карти

Курти на самитот на Берлинскиот процес: Косово еднострано ќе дозволи влез на граѓаните на БиХ со лични карти

Приштина, 14 октомври 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти денеска на самитот на Берлинскиот процес изјави дека Косово, од 1 јануари 2025 година, еднострано ќе дозволи слободно движење само со лични карти за граѓаните на Босна и Херцеговина.

Курти, како што пренесуваат медиумите во Приштина, оценил дека Берлинскиот процес во овие десет години бележи „значаен напредок“, но според него „потребни се повеќе чекори“.

Според косовскиот премиер, „во јануари годинава се појави парадокс, кога на граѓаните на Косово им се овозможи да патуваат без виза во ЕУ, но во Босна и Херцеговина сепак им недостига слобода на движење“.

-Додека ентитетот Република Српска одбива да го ратификува договорот за мобилност за слободно движење со лични карти, кој мојата земја беше прва во регионот што го ратификува во парламентот, јас решив да го прекинам чекањето. Почнувајќи од јануари следната година, Република Косово еднострано ќе дозволи слободно движење на граѓаните на Босна и Херцеговина со лични карти, рече Курти.

Тој во неговото обраќање се осврна и на Заедничкиот регионален пазар (ЦРМ), за кој рече дека „е едно од најголемите достигнувања на овој процес“, притоа споменувајќи ја ЦЕФТА.

-Добиена е нова динамика по надминувањето на ќорсокакот во рамките на ЦЕФТА. Сега можеме да напредуваме со поинакво темпо, со еднаквост во центарот и граѓаните како крајни корисници, рече Курти.

Според него, спроведувањето на одобрената реформска агенда во рамките на Планот за раст на ЕУ „мора да го следи пристапот „трка до врвот“. иа/

Остани поврзан