• петок, 20 декември 2024

Курти и Касами се заложија за побрза изградба на патот од Тетово до Призрен

Курти и Касами се заложија за побрза изградба на патот од Тетово до Призрен

Тетово, 11 август 2023 (МИА) - Косовскиот премиер Албин Курти попладнево беше во посета на Општина Тетово, на покана од градоначалникот Билал Касами, со кого заедно потоа го посетија планинското село Вејце. Двајцата се заложија за побрза изградба на патниот правец Тетово - Призрен кој би минувал низ Шар Планина.

Касами истакна дека ако централната власт нема интерес, како локална власт ќе направат обид да се реализира идејата за инфраструктурно поврзување на двата града од двете страни на границата.

-Ако Владата нема интерес да се реализира делот од патот Тетово - Призрен согласно студијата и веќе договорените работи со Владата на Република Косово ние како локална власт во рамките на нашите надлежности и можности нема да стоиме со скрстени раце, ќе работиме како што веќе инвестиравме на овој важен дел од седум километри на патот од Селце до Вејце за да го правиме и другиот дел. И во тоа ќе бидеме во блиски контакти и со Владата на Република Косово и со локалната власт во Призрен за да се реализира овој дел. Исто така, ние ги охрабруваме од Владата во Република Северна Македонија да работат сериозно во делот на реализацијата на патниот правец Тетово-Призрен согласно студијата која е направена и согласно договорите кои се договорени, истакна Биљал Касами.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека економскиот развој и развојот на инфраструктурата не треба да биде резервиран само за урбаните зони и за градовите, туку и за рурален развој. Според него тоа се прави и во Косово и во Северна Македонија.

- Ние имаме голем интерес за побрзо чекорење кон инфраструктурното поврзување преку патот кој предвидува и еден тунел, на Призрен и Тетово. Врз база на пресметките не се работи за голема сума, но инвестицијата во патот ќе донесе придобивки и за граѓаните и за економијата, бидејќи ќе го скрати времето на патување, истакна меѓу другото Курти.

Тој потсети дека за патот што треба да ги поврзе Призрен и Тетово веќе има договор помеѓу двете земји.

- Беше потпишан од страна на двајцата премиери, односно од мене и од мојот македонски колега, Ковачевски. Се надевам дека оваа физибилити студија ќе се пласира што побрзо за реализација на овој голем регионален проект кој ќе има голем придонес во развојот на двете земји. Се согласивме и со поранешниот премиерот, Зоран Заев, и со сегашниот премиерот Димитар Ковачевски за што побрзо поврзување на овој планински пат, истакна Курти.

Заменик министерот за инфраструктура на Косово, Хисен Дурмиши истакна дека покрај физибилити студијата има и заедничка комисија помеѓу двете држави која од можните три правци на рутата ја одбрала варијантата со најдолгиот тунел од 6,4 километри.

- Со цел овој пат да може да функционира и во тешките зимски услови кога има големи врнежи од снег, одевме со многу пониска надморска височина. Излезот на косовската територија е во селото Манастирица. Ние во Косово подготвивме и главен проект од излезот на тунелот се до вклучувањето кон автопатот „Ибрахим Ругова“, пат од 22 километри, рече Дурмиши според кого овој пат е од големо значење не само за економијата туку и за развојот на туризмот, но и за зближувањето на двата града.

Касами и Курти не сакаа да одговараат на прашања за политичките актуелности во двете држави.

Албанскиот премиер Курти претходно во рамки на неформалната посета на земјава, присуствуваше и на преименување на улица во Општина Чаир во Скопје. ас/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан