• понеделник, 23 декември 2024

Кумановски „Водовод“ по поморот на рибите во Кумановка: Излезните параметри на пречистената вода се во граници на нормала

Кумановски „Водовод“ по поморот на рибите во Кумановка: Излезните параметри на пречистената вода се во граници на нормала
Куманово, 1 август 2022 (МИА) - По вчерашниот помор на риби во Кумановка и по извршениот вонреден инспекциски надзор на државниот Инспекторат за животна средина, денеска преку соопштение реагираше и кумановското јавно претпријатие „Водовод“ под чии ингеренции е Фабриката за третман на отпадни води (пречистителната станица). Од претпријатието нагласуваат дека излезните параметри на прочистената вода се во граници на нормала пропишани по стандарди на ЕУ. Од претпријатието ги повикаа заинтересираните да ја посетат станицата и да се информираат за системот на прочистување. И во вчерашното соопштение на државниот Инспекторат за животна средина се наведува дека при надзорот, станицата функционирала.
- Во врска со поморот на риби кој се случи деновиве, во недела на 31.7.2022 година e извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државен инспекторат за животна средина од Одделението за инспекциски надзор за животната средина – Североисточен и Источен регион, канцеларија Крива Паланка во пречистителната станица за третман на отпадни води во Куманово. На вонредниот инспекциски надзор присуствуваа и претставници од рибарското друштво, и е утврдена нормална функционалност на пречистителната станица. Излезните параметри на прочистената вода од втора категорија се во граници на нормала пропишани по стандарди од Европска унија. Инаку Пречистителната станица за третман на отпадни води е отворена за сите кои имаат интерес да се запознаат со функционалниот процес за пречистување на отпадни води, се вели во соопштението на кумановското ЈП „Водовод“.
Од претпријатието апелираат до граѓаните да не фрлаат несоодветен отпад во канализацијата која само го отежнува работењето на станицата. Според нив, ваквото несовесно и несоодветно користење на фекалната канализација предизвикува механичко оштетување на скапата инсталирана опрема на станицата и дополнително финансиско оптоварува работењето на станицата. - Воедно ЈП „Водовод“-Куманово упатува АПЕЛ до граѓаните дека Пречистителната станица за третман на отпадни води не е предвидена за пречистување на атмосферските води и отпадни води од индустријата. Согласно Законот за води и другите позитивни законски прописи, забранета е злоупотреба и несовесно користење на фекалната канализација во населените места. За жал, во Општина Куманово е сè̀ поизразено несовесно користење на канализацијата, со фрлање на секаков вид отпад во истата, како што се полупроизводи од индустријата, метални предмети, коски од животни, месо, кожа, разни видови на масла, земјоделски производи и слично. Посебен проблем претставува фрлањето на градежен шут, текстил и влажни марамчиња, кои предизвикуваат големи дефекти и проблеми во работењето на станицата, соопштија од кумановски „Водовод“. Оттаму се надеваат дека граѓаните ќе го разберат апелот и ќе се разбуди еколошката свест кај кумановци.ам/фф/

Остани поврзан