Куманово ќе спроведе есенска дератизација
- Општина Куманово ќе спроведе уште еден третман против глодари, соопштија денеска надлежните.
Куманово, 1 октомври 2022 (МИА) - Општина Куманово ќе спроведе уште еден третман против глодари, соопштија денеска надлежните.
-На 5, 6 и 7 октомври годинава (среда, четврток и петок) на територија на Општина Куманово ќе се изврши дератизација (третман против глодари). Третманот ќе се изврши со поставување на мамки во отворите од шахтите на постојната канализациската мрежа, информираа од општината.
Во случај третманот да не се изврши во предвидениот период поради неповолни временски услови, ќе биде одложен за наредниот ден, за што граѓаните дополнително ќе бидат информирани.
-Препаратот што ќе се користи спаѓа во група на антикоагуланти и ќе биде во облик на парафински блок. Се предупредуваат граѓаните да не се движат во близина на поставените мамки, а во случај на наоѓање на родентицидот на отворено, да не го допираат, посочија од општината.
Општина Куманово на почетокот од април, годинава, избра нов оператор за запрашување против инсекти, дезинсекција, дератизација против крлежи, лебарки и комарци, информираа од одделението за јавни набавки. Општината од буџетот одвои милион денари без вклучен данок на додадена вредност за вршење на оваа дејност. На јавниот оглас од тројцата заинтересирани оператори, беше избран операторот „Плант Медика“ од Куманово.
И претходните години општината одвојуваше средства за овие третмани кои се спроведуваат во неколку наврати годишно во текот на пролетните и есенските месеци.ам/вј/