• понеделник, 23 декември 2024

Куманово избира фирма за чистење на речни корита

Куманово избира фирма за чистење на речни корита
Куманово, 15 септември 2022 (МИА) - Куманово објави нов тендер за чистење на речните корита, соопштија денеска надлежните. На почетоков од месецов беше исчистено дел од речното корито, по што граѓаните реагираа и бараа чистењето да продолжи долж реките. Во објавената јавна набавка како што стои на електронскиот систем за јавни набавки заинтересираните оператори можат да се пријават за расчистување на диви депонии на територија на Општина Куманово и чистење на речните корита на територија на општина Куманово до 30 септември годинава.
Покрај општите документи, операторите треба да достават информации за позитивно финансиско работење за последниве три години со минимален приход од 6,5 милиони денари поединечно за секоја година. Операторите треба да имаат 35 ангажирани лица, меѓу нив и стручен кадар, инженери. Во тендерската документација е наведено дека операторите треба да поседуваат соодветна механизација за извршување на активностите на терен. Со цел да се обезбеди и соодветно ниво на конкуренција, операторите треба да достават и договор за изведба од минимум четири милиони денари. Месецов истекува годишниот договор со избраната компанија за чистење на речните корита и диви депонии, за кој беа одвоени скоро два милиони денари со вклучен данок на додадена вредност. Кумановци велат дека треба да се исчистат и речните корита долж теченијата на реките и во другите делови од градот. Тие повикуваат на засилени контроли, суштинско применување на законските одредби и казни за несовесните граѓани кои фрлаат смет во речните корита. ам/дма/

Остани поврзан