• понеделник, 23 декември 2024

Куманово дел од проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“

Куманово дел од проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“
Скопје,  25 јули 2021 (МИА) - Општина Куманово е дел од проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“. Старите градби ќе бидат видно одбележани за  граѓаните и за туристите кои ќе го посетат градот. Двегодишниот проект, поддржан од Министерството за надворешни работи на Франција, опфаќа 16 града од Република Северна Македонија, Албанија и Франција, а вклучени се и Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Албанија и ЗЕЛС (Заедница на единиците на локална самоуправа). Со овој проект, стручни екипи ќе работат на инвентаризација на градбите со културно наследство за градот и ќе овозможи користење нови алатки за видливост на објектите. Во Куманово избран е објектот поранешен хотел Куманово со низата станбено-деловни објекти долж улицата „11 Октомври“. Втора работна група ќе работи на сигналитика, што подразбира поврзување на пешачки коридор и означување на објектите од културно наследство преку нивно обележување, кодови за подетален опис на секој културен споменик. Патеката е од џамијата, следува хотел Куманово со низата објекти која е опфатена во инвентаризацијата, Касапски круг, Занаетчиски дом и завршува со хотел Солун. Тоа е патека која ќе се користи за пешачко движење, ќе бидат обележани спомениците на културно наследство со информации за културното наследство од кога потекнува, кодот, ќе ги носи граѓаните и посетителите до некои интересни приказни, анегдоти, сè со цел на овој начин да го поттикне и движењето пешачењето, велосипедизмот кој пак е поврзан со планот за урбана мобилност кој тековно го спроведува општината. - Значајна цел на овој проект е да придонесе во размената на искуства и експертиза, корисни за сите партнери учесници преку јакнење на компетенциите на општинските советници и на стручните лица, креирање алатки за заштита и вреднување на културното наследство како и подобрување на соработката на регионално, национално и меѓународно ниво, изјави раководителот на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска. Во рамки на проектот, Општина Куманово учествува во две работни групи, работна група за „Инвентаризација“, која има за цел да изврши инвентаризација на објектите избрани за овој проект. Крајна цел е изработка на урбанистички проект во кој ќе бидат вградени мерките за заштита на овие значајни објекти со комплетна разработка на нивните фасади. Според Сларидис Јаневска, ваков разработен проект претставува основ за аплицирање пред меѓународни фондови за реализација. Втората работна група е „Сигналитика“, а целта е, потенцира таа, на крајот на проектот да се изработат и постават информативни табли односно да се изврши обележување на селектираните објекти со културно наследство како и да се обележи траекторијата на движење. Општина Куманово ги избра објектите долж улицата „11 Октомври“ односно (Џамијата, комплекс Хотел Куманово, општинска зграда, комплекс Стар мерак, занаетчиски дом и Хотел Солун). - Доколку ова биде успешен проект во втора фаза ќе се оди на Соколана, Црква „Св. Никола“ и црква „Света Тројца“, изјави раководителот на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска. Стручни тимови, консултанти од Република Франција, ќе им помагаат на македонските колеги. За таа цел, се одржуваат работилници, каде преку нови алатки и методи, стручните екипи работат на инвентаризација на градбите со културно наследство, значајно за градот. За потребите на проектот ангажиран е работен тим од вработените од секторот за урбанизам, надворешни соработници, меѓу нив и конзерватор советник од НУ Национален Конзерваторски Центар – Скопје, Цветанка Хаџи Пецова. - Зачуваниот фонд од единечните градби кои го дефинираат архитектонскиот низ имаат различен степен на автентична зачуваност, но со препознатливи просторно-волуменски карактеристики на објектите. Иако, поседуваат различни архитектонско-стилски карактеристики, генерално може да се даде мислење дека профилот на објектите преку кои се врши идентификација на овој простор е дефиниран меѓу двете светски војни (1918-1940). Како работен тим вклучен во проектните активности, најголемиот дел од информациите и подетално запознавање со состојбата на поединечните објекти, како и идентификацијата на сите проблеми ќе ги добиеме од теренскиот дел на истражувањата и продлабочената анализа на постојната состојба (од аспект на архитектонско-градежна концепција, техника на градење, применети материјали, како и утврдување на оштетувања, причините за пропаѓање, но и настанати промени на објектите од дополнително извршени интервенции), појаснува Хаџи Пецова. И од секторот за урбанизам велат дека избраните објекти се генерално во добра состојба, но се согласуваат дека на голем дел од нив им е исчезната третостепената пластика, а кај некои од нив е извршена и несоодветна интервенција на фасадите што дополнително придонела за губење на автентичниот изглед на објектите. - Секако поединечната состојба на секој објект ќе биде опфатена преку изработка на инвентарен картон за секој објект кој е прв чекор во самиот проект, вели Сларидис Јаневска. Најголем дел од објектите се дело на рускиот архитект Владимир Антонов кој во 1925 година дошол во Куманово како избран главен градски архитект и почнал со реализација на првиот регулациски план на Куманово. Проектот се очекува да заврши до средината на наредната година. Александра Максимовска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан