• понеделник, 23 декември 2024

Културно лето во Кисела Вода

Културно лето во Кисела Вода

Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Под слоганот „68 години - бескрајна приказна која станува се подобра“, од денеска Општина Кисела Вода го почнува Културното лето и одбележувањето на својот роденден. Како што информираше претходно градоначалникот на Општината, Орце Ѓорѓиевски, во деновите што се пред нас ќе настапат македонски изведувачи, уметници, како и хрватскиот пејач Петар Грашо.

-Се потрудивме во четири фестивалски денови да сместиме повеќе концерти и настапи, грижејќи се содржински сето тоа да биде на високо квалитетно ниво и да нуди музички стихови кои ќе одговараат за сите генерации и за сите вкусови. Настаните ќе се одвиваат во вечерните часови на две локации, во Расадник и на Три круши во Драчево, рече Ѓорѓиевски.

Како што е најавено, вечерва диџеј сет ќе има DJ Mats, а потоа следува концерт на Два Бона. Утре вечер на Три круши во Драчево ќе настапат КУД Китка, Сузана Спасовска и Миле Кузмановски.

Во сабота, во Расадник, ќе има детска програма, а на 29 јуни, Општина Кисела Вода ќе го одбележи својот 68-ми роденден со манифестацијата „Битка на бендови“. Бендот кој ќе победи добива награда - концерт во целосна организација на Општината, а наградниот фонд е дополнет и со снимање на ЦД и за првото и за второто место. На настанот, како гости ќе настапат Д Далтонс и уште неколку изведувачи.

Истиот ден, вечерта, после сетот на DJ Mats, на сцената во Расадник, концерт ќе има групата Нокаут.

Како што најавија од Општината, ќе се задржи традицијата од минатата година, во деновите меѓу културното лето и роденденот да бидат промовирани, отпочнати или завршени голем број на поголеми инфраструктурни проекти. бт/дма/

Остани поврзан