• вторник, 17 декември 2024

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

Културен перформанс „Простор за разговор“ во Битола

Битола, 23 мај 2024 (МИА) - Во рамки на проектот „Простор за разговор“, невладината организација ХЕРА денеска во Битола приреди културен перформанс, чија цел е подигнување на свеста за родовата еднаквост.

Проектот „Простор за разговор“ овозможува преку уметност, танц, театар и филм сплотени во еден перформанс, да се зајакнува чувството на припадност кон заедницата и поттикнување на маргинализираните и социјално ранливите да се вклопат во заедницата, соопштија од ХЕРА.

-Како уметник сметам дека е многу важно да можеме на друг начин да придонесеме во општеството и навистина се радувам на оваа соработка, истакна Рисма Рисимкин, уметник и универзитетски професор, додека пак Драгана Каровска Чемерска посочи дека е потребно општество во кое граѓаните се информирани, слушнати и поддржани преку разбирање и прифаќање на родовата еднаквост која е основа за слободен израз и остварувањето на сечиј потенцијал.

На културниот перформанс во Битола се обрати и психологот Александра Мицевска која истакна дека родовата нееднаквост има реперкусии за менталното и физичкото здравје.

-Еднакви права не значи помалку права за еден или друг, не се потребни поделби, бидејќи не носат ништо добро. Во поглед на родовата еднаквост, секој од нас е камче од мозаикот во големата слика, и ако сакаме да имаме општество во кое секој еден може да си дојде до израз, потребен е придонес и од мажите и од жените, посочи Мицевска.

„Простор за разговор“ на почетокот на јуни ќе се изведува на културните сцени во Охрид и Струга.мт/вј/

Фото: ХЕРА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан