• сабота, 23 ноември 2024

КСЗД и ИДУЕП потпишаа меморандум за соработка

КСЗД и ИДУЕП потпишаа меморандум за соработка
Скопје, 1 јуни 2022 (МИА) – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) денеска потпишаа меморандум за соработка со кој се официјализира соработката меѓу двете организации со цел поддршка во национална борба против дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет просторот. Меморандумот има за цел поддршка на работата на КСЗД преку воспоставувањето меѓусебна соработка и заедничко застапување во јавноста на темата поврзана со борбата против дискриминирачки говор, дискриминацијата и другите негативни аспекти во интернет просторот, како и креирање на поширока платформа на организации и други општествени чинители во процесот на изнаоѓање на успешни решенија, пракси, односно автентичен национален модел за ефикасно справување со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави на интернет. Претседателот на КСЗД, Кире Василев, при потпишувањето на меморандумот истакна дека во Комисијата има најмногу пријавени претставки за дискриминација во социјалните медиуми поради дискриминирачки говор и, како што вели, токму од тоа произлегува желбата за соработка. - На општеството му е потребна заемна иницијатива за справување со овој дискриминирачки говор, посочи тој. Бојан Кордалов, претседателот на ИДУЕП, истакна дека дискриминирачкиот говор на интернет и другите негативни аспекти на интернет-просторот навистина доминираат и е нешто за кое има општ консензус дека треба да се избориме. - Овој меморандум ќе придонесе од причина што го гледаме како почеток на соработка, односно јако нешто што ќе овозможи создавање на коалиција од многу организации, од многу институции, медиуми и од многу други чинители кои што ќе се ориентираат кон тоа да ја препознаеме негативната страна на дискриминирачкиот однос и содржини на интернет, да не дозволиме да прераснат во говор на омраза и да не дозволиме да градиме општество кое не почива на здрави основи, рече Кордалов. Двете страни потписнички ќе работат и на изнаоѓање на заедничка платформа за автоматизација на пријави поврзани со дискриминирачки говор на интернет до Комисијата преку аплицирање за меѓународна поддршка за имплементација на таков софтвер/решение од поширок јавен интерес и примена. ар/лв/    

Остани поврзан