• вторник, 02 јули 2024

Критичарот на Путин, кој го обвини Вулин за прислушување во Белград, осуден на 25 години затвор

Критичарот на Путин, кој го обвини Вулин за прислушување во Белград, осуден на 25 години затвор

Белград, 17 април 2023 (МИА) - Рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза е осуден на 25 години затвор за предавство и други обвиненија поврзани со критиките за војната во Украина.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Владимир Кара-Мурза во Србија се споменуваше кога изјави дека на средбата во Белград биле прислушувани членови на руската опозиција и дека тогашниот српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин, а сега шеф на Безбедоносно информативната агенција (БИА) и ги предал на Москва транскриптите од тие разговори.

Вулин го негираше тоа, нарекувајќи го Кара Мурза лажго.

- Смешно е што Вулин реагираше дури сега. Тоа беше толку одамна. Ќе потсетам дека на почетокот на декември беше објавено дека Вулин во мај долетал во Москва и на секретарот на Советот за безбедност Николај Патрушев му го предал транскриптот од нашите разговори, изјави тогаш Кара-Мурза за агенцијата БЕТА.

Според неговите зборови, српските медиуми објавиле дека Патрушев лично му се заблагодарил на Вулин за дадените информации, а потоа државната телевизија Русија 24 објавила прилог за тоа колку се одлични српските тајни служби бидејќи известувале „што прават русофобите“.

Поранешниот руско-британски новинар и политичар е последниот од голем број противници на Путин кои беа уапсени или принудени да избегаат од Русија.

Владимир Кара-Мурза ги отфрли обвинувањата и нагласи дека е горд на својата работа.

- Не само што не жалам за ништо од ова, туку и горд сум на тоа, рече тој на судењето.

Освен што ја критикуваше таканаречената „специјална воена операција“, како што Кремљ ја нарекува војната во Украина, Кара-Мурза отворено говореше и против претседателот Владимир Путин и неговата Влада.

Овој 41-годишникот одигра клучна улога во убедувањето на западните влади да ги санкционираат руските функционери за кршење на човековите права и корупција. об/ми/

фото: БЕТА

Остани поврзан