• недела, 22 декември 2024

Кристофер Хил: Повлекувањето на војниците и апсењето на Радоичиќ се добри чекори

Кристофер Хил: Повлекувањето на војниците и апсењето на Радоичиќ се добри чекори

Белград 3 октомври 2023 (МИА)-Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил изјави дека повлекувањето на војниците од границата и апсењето на Милан Радоичиќ се добар чекор и дека во интерес на Вашингтон е да се најде политичко решение за ситуацијата на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Нема сомнеж дека е дојдено до повлекување на помал дел од војниците и дека во таа смисла работите се движат во добра насока. Можам да кажам и дека ние имаме потврда за намалениот број војници. Проблемот овде не е воен, туку е всушност политички, изјави Хил во интервју за Танјуг.

Тој посочи дека зголеменото присуство на војници долж административната линија со Косово предизвикува загриженост и дека САД побарале од српското раководство да ги повлече војниците.

-Многу ни е драго што можеме да кажеме дека тоа се случи, нагласи американскиот амбасадор во Белград.

Зборувајќи за настаните во Бањска на 24 септември, Хил рече дека ЕУ и САД сакаат да знаат што точно се случило тогаш.

-Мислам дека апсењето на Радоичиќ, кој се чини дека ја призна вината за повеќето работи што се случија, беше добар чекор. Сепак, мислам дека сите сакаме да знаеме за што всушност се работи, што сакаа да постигнат, од каде им е сето тоа оружје и муниција, рече американскиот дипломат, додавајќи дека разговорот за вистинските проблеми зависи од јасното разбирање за тоа што овие луѓе всушност се обидувале да направат и што сакале да постигнат.

Хил нагласи дека во интерес на САД е да продолжат да изнаоѓаат политичко решение врз основа на јасните елементи кои се дел од договорот постигнат пред пет или шест месеци.

-Сакаме да го видиме формирањето на ЗСО. Праведно е да се каже дека господинот Курти не е ентузијаст за тоа, но мислам дека тој разбира дека тоа е еден од клучните елементи на масата, исто како што треба да продолжиме со интернационализација, што подразбира можност Косово да се приклучи на различни меѓународни организации. Тоа не се лесни чекори за српската страна, но тоа е дел од севкупниот договор, рече Хил.

Тој истакна дека сите треба да ги смират тензиите и да сфатат дека наскоро Србите и Албанците на Косово ќе треба да најдат начин да живеат како соседи. об/

Остани поврзан