• сабота, 06 декември 2025

Кривопаланечката гимназија преку „Еразмус плус“ домаќин на млади од три европски земји

Кривопаланечката гимназија преку „Еразмус плус“ домаќин на млади од три европски земји
Крива Паланка, 28 март 2023 (МИА) - Млади, средношколци од Белгија, Бугарија, Германија и Северна Македонија во организација на Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од  Крива Паланка ја реализираа последната мобилност од проектот: „Yes Europe III – младите студираат и работат во Европа“.
 
-Нашето училиште, СОУ „Ѓорче Петров“ како домаќин ја предводеше оваа мобилност во соработка со партнер училиштата: ​ „Атенеум“, Леувен, Белгија, Средното училиште „Елин Пелин“,  Бугарија како партнер- училишта и Стручното училиште „Карл Шилер“, од Германија, координатор на проектот. Учесниците имаа прилика да го посетат нашето училиште, компании и институции од државата кои се успешни лидери во нивните области на дејствување, од информатичката индустрија, преработувачката, производствени капацитети и погони и непосредно можеа да научат како се студира, како се бара работа и сместување во нашата држава. Дел од активностите беа посветени и на тим-билдинг, јакнење на заеднички капацитети и заедно го прославивме интернационалниот ден на среќата, информира Катерина Митовска - Наковска, професорка по македонски јазик и литература во СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.
 
Таа истакна дека проектот во изминатите месеци на имплементација донел ново искуство за сите вклучени ученици и партнери.
 
-Нашата благодарност ја упатувам до сите компании што ги отворија своите врати и реализираа презентации за учениците, со што директно помогнаа во успешна имплементација на оваа „Еразмус плус мобилност“: Семос Едукација, Вивакс ДОО,  Скопје, „Белмондо“, Крива Паланка, Меѓународен балкански универзитет, Скопје, Факултет за туризам и угостителство, Охрид, Градски музеј, Крива Паланка и Европска куќа, Крива Паланка, додава Митовска - Наковска. ид/мд/
Фото: МИА 

Остани поврзан