• понеделник, 23 декември 2024

Кривокапиќ: Планирано беше да се предизвика хаос, ќе испитаме кој што работел

Кривокапиќ: Планирано беше да се предизвика хаос, ќе испитаме кој што работел
Подгорица, 6 септември 2021 (МИА) -  Премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ денеска изјави дека во Цетиње, за време на устоличувањето на митрополитот црногорски-приморски на Српската православна црква Јоаникиј во Цетиње, било планирано да се воведе хаос и прекројување на изборната волја на граѓаните. - Црна Гора беше во деликатна и сложена ситуација. Имаше природно стравување кај граѓаните за тоа како ќе заврши. Можете да видите дека овој настан не беше значаен од гледна точка на устоличувањето, туку повод за одредени структури кои припаѓаат на одреден дел на политиката која се обидува да ја преобликува изборната волја. Тоа беше момент во кој требаше да се случи дестибилизација, воведување неред и хаос, рече Кривокапиќ, пренесува Бета. Тој, на прес -конференција во врска со наводите на медиумите дека ќе ги разреши челниците на полицијата поради вчерашните настани во Цетиње, рече дека во командниот дел од  одговорноста ќе биде испитан секој чин на поединец што дејствувал или не дејствувал. - Ќе бидете информирани. Никој нема да биде поштеден без разлика каква функција има и која политичка партија го штити, рече премиерот на Црна Гора. Како што додаде, секој што не постапувал соодветно ќе биде гонет, по направената анализа. - Одговорноста е мерка за односот кон професионализмот и тоа мора да надвладее, рече Кривокапиќ. На прашањето кој командувал со полицијата за време на настаните во Цетиње, тој или директорот на полицијата Зоран Брѓанин, Кривокапиќ не одговори прецизно, пренесува Бета. „Пресвртот се случи во 4.30 часот, кога реков дека одам, не ми е грижа кој ќе ме штити. Мојот живот не вреди ниту пара ако Црна Гора биде вовлечена во граѓанската војна, одам со патријархот. Дури тогаш дел од Управата на полицијата го започна командниот процес кој траеше до 11 часот, а потоа командниот систем им беше препуштен на професионалците, рече тој. Тој додаде дека му е мило што никој од полицијата не ја надминал својата надлежност и дека, како што тврди, немало прекумерна употреба на сила. Коментирајќи ги ставовите на Советот за цивилна контрола на полициската работа дека имало вишок сила и употреба на гумени куршуми, Кривокапиќ рече дека секој што тоа го мисли - ќе треба да го докаже. - Не сум запознаен дека се користени гумени куршуми. Тоа се шпекулации на одредени луѓе, рече Кривокапиќ. „Вијести“ денеска објави дека Кривокапиќ најавил поведување постапка за разрешување на министерот за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ и директорот на Управата на полицијата Зоран Брѓанин. Повикувајќи се на дипломатски извори, весникот објави дека неколку амбасади разговарале со Кривокапиќ за да го убедат да се откаже од таквата намера. ссм/

Остани поврзан