• сабота, 21 декември 2024

Кривична пријава против 18 службени лица за злоупотреба на службена положба

Кривична пријава против 18 службени лица за злоупотреба на службена положба

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против 18 службени лица, од кои 12 се полициски службеници - припадници на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, додека останатите шест се вработени како службени лица на наплатна рампа Романовце при Јавното претпријатие за Државни патишта, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“ по член 353 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека по преземени мерки било констатирано дека шест службени лица од патарината Романовце, со претходно изготвен список на регистарски таблички на приватни возила, им овозможиле на 12 полициски службеници премин без да се изврши наплата 959 пати во периодот од 01 јануари 2024 година до 15 август 2024 година, односно ја искористиле својата службена положба на полициски службеници и прибавиле материјална корист со неплаќање билет за премин на наплатна станица Романовце на автопатот Куманово – Миладиновци и обратно со своите приватни возила.

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, согласно своите надлежности и овластувања, против полициските службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка, соопштија од МВР. цр/дма/

Фото: МИА архива

видео: МВР

Остани поврзан