• вторник, 24 декември 2024

Кремљ: „Саботажата“ против гасоводите веројатно е акт на државен тероризам

Кремљ: „Саботажата“ против гасоводите веројатно е акт на државен тероризам
Москва, 29 септември 2022 (МИА) - Русија денеска соопшти дека истекувањето природен гас во Балтичкото Море од двата гасовода до Германија е веројатно резултат на државно спонзориран „тероризам“, а претставник на ЕУ рече дека инцидентот суштински ја променил природата на конфликтот во Украина. Европската унија ги истражува причините за истекувањето гас од Северен поток 1 и 2 и соопшти дека се сомнева во саботажа. Не е јасно кој би можел да стои зад таков намерен напад на гасоводите, за чија изградба Русија и западните земји потрошија милијарди долари, јавија западни медиуми. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека „ова изгледа како терористички чин, можно на државно ниво“. Според него, тешко е да се замисли дека „таков чин на тероризам може да се случи без интервенција на некоја земја“. Портпаролот ја опиша ситуацијата како „многу опасна“ и бара „итна истрага“. Американската телевизија Си-Ен-Ен, повикувајќи се на три извори, објави дека европските безбедносни служби забележале руски помошни бродови и подморници недалеку од местата на истекување. Коментирајќи го ова прашање, Песков рече дека има многу поголемо присуство на НАТО во областа. Дополнително, Русија тврди дека истекувањето на бреговите на Данска и Шведска се на места кои се „целосно под контрола“ на американските разузнавачки агенции. На самит во Прага следната недела, лидерите на ЕУ ќе разговараат за истекувањето гас, кое сега е веќе во четврти ден. „Нападот врз стратешката инфраструктура значи дека стратешката инфраструктура на Унијата мора да биде заштитена“, рече претставник на ЕУ за западни медиуми. Според изворот, она што се случило „фундаментално ја менува природата на конфликтот во Украина, како што беше досега, како и мобилизацијата и евентуалната анексија“ на украински територии. паг/    

Остани поврзан