Кремљ: За да се постигне решение, неопходно е да се елиминираат причините за конфликтот во Украина
- Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека е неопходно да се елиминираат основните причини за украинскиот конфликт за да се дојде до решение.
Москва, 29 ноември 2024 (МИА) – Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека е неопходно да се елиминираат основните причини за украинскиот конфликт за да се дојде до решение.
- Имаме апсолутно јасни параметри неопходни за решение, изјави Песков.
Според него, за да се дојде до решение потребно е справување со основните причини за конфликтот.
- Овде сè е многу подлабоко од одлуката за испраќање мировна мисија, нагласи портпаролот на Кремљ.
Зборувајќи за параметрите за решавање на конфликтот во Украина, Песков истакна дека покрај основните причини, треба да се земат предвид и „идеите што претседателот на Русија, Владимир Путин ги презентираше кога се обрати пред високиот штаб на Министерството за надворешни работи во јуни“.
Говорејќи на состанокот со персоналот на руското Министерство за надворешни работи во јуни, Путин рече дека Русија „веднаш“ ќе ги прекине борбените операции доколку Украина се откаже од кандидатурата за членство во НАТО и ги повлече своите трупи од регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
Путин истакна дека предлага прекин на конфликтот, а не само замрзнување.
- Штом Украина почне да ги повлекува трупите од Донбас и Новоросија и се обврзе дека нема да влезе во НАТО, Руската Федерација ќе го прекине огнот и ќе биде подготвена за преговори. Мислам дека тоа нема да трае долго, додаде рускиот претседател. јт/